Македонија
9. May 2017 - 16:15

Неизвесен составот на новата владина коалиција

Додека дел од медиумите го кројат новиот владин кабинет албанските политички партии молчат за тоа како би изгледала новата владејачка коалиција.

Движењето БЕСА кое држи 5 пратенички столчиња во Собранието се уште е без одлука дали ќе биде дел од новата владина коалиција.

Во ДУИ денеска молк. Од партијата без која е невозможно формирање на Влада денеска без одговор на прашањата на Сител, дали почнала распределбата на ресорите и кои од албанските политички партии ги гледаат како колеги во новиот владин состав.

И покрај партискиот молк, дел од медиумите деновиве почнаа да објавуваат можни кадровски решенија, а вчера, генералниот секретар на СДСМ чие име се спомнува како избор на Заев за во МВР на прес конференција почна да најавува и реформи во полицијата.

За СДСМ, сите информации за распределбата на владините ресори и можните кадровски решенија се чиста шпекулација.

Шилегов денеска не сакаше да коментира за тоа со кои партии би ја делеле власта, но потврди дека за СДСМ, најдобро решение е доколку е можно во новата владина коалиција да влезат сите парламентарни албански партии за да се обезбеди стабилно мнозинство. Според неофицијални информации, за ваков формат во Мала Речица немало големо расположение. Висок функционер на ДУИ за Дневник вели дека не се подготвени владиниот кабинет да го делат со БЕСА.
За разлика од ДУИ, во Алијансата на Села сметаат дека учеството на сите албански партии во власта е најдобро решение, но својата одлука за тоа, дали ќе резервираат фотелји на Илинденска ќе ја донесат тогаш кога Заев ќе го добие мандатот