Македонија
24. јуни 2021 - 12:29

Негуватели ќе ги посетуваат домовите на старите лица во Ново Село и Василево

Старите и немоќни лица од општините Ново Село и Василево повеќе нема да бидат сами. Од сега тие ќе добиваат помош и нега во нивните домови од сертифицирани негуватели. Во двете општини на терен ќе бидат ангажирани 14 негуватели кои во изминатите шест месеци поминаа специјална обука за таа намена. Меѓу нив е и 52 годишната Николина Стојкова која ќе работи на територијата на општина Ново Село каде поради иселувањето на младите во странство, бројот на старите лица кои остануваат сами е се поголем.

„Кај нас повеќето од луѓето се во странство. Во моментов има се повеќе стари, возрасни лица на кои им треба помош од лица како нас кои се обучени за услугата што треба да им ја дадат на луѓето да биде корисно за сите. Многу сум благодарна бидејќи се соочив со многу нови работи во мојот живот и научив многу работи за кои мислам дека во иднина ќе бидат многу корисни за луѓето што се немоќни“, вели Николина Стојкова - негувател.

Услугата е  овозможена преку проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира во соработка помеѓу локалните самоуправи, министерството за труд и социјална политика и црвениот крст.

„Оваа услуга нуди основни и инструментални активности во домот на корисниците кои што опфаќаат готвење, чистење, перење, помош при личната хигиена“, вели Менче Златинова - координатор на проектот.

За реализацијата на проектот,  преку Светска Банка обезбеден е грант во висина од 11 милиони денари. Во рамки на проектот веќе се отворени две инфо канцеларии наменети за информирање на граѓаните за овој тип на помош и начинот на кој ќе може да аплицираат.