Македонија
26. April 2017 - 9:53

Неготински копаничари му даваат душа на дрвото

Неготински копаничари го облагородуваат дрвото. Од него изработуваат најразлични уметнички дела и предмети кои го разубавуваат просторот и предизвикуваат восхит.

Вистинско задоволство е да се посети работилницата на  Здружението „Стари занаети” во Неготино. Поминавме прекрасни моменти додека разговаравме со  Лилјана Василева, жена металург која му дава душа на дрвото, еден од основачите  на занаетчиското здружение. Нејзината професионална ориентација е металургијата но не е вработена по струката. Со години нејзина преокупација е копаничарството кое полека но сигурно и влегува во крвта. Заедно со својот сопруг  и останатите членови на здружението кое го негува копаничарството во градот на грозјето, тиквешката домашна жта и виното, се труди да ја пренесе љубовта кон дрвените ракотворби и да ја промовира традицијата на овој вид уметност.

Љубовта кон планинарењето,  ја споила со неготинскиот планинар Митко.

Како долгогодишен планинар отсекогаш ја сакала природата, а од пред 17 години почнала да изработува копаници.

- Тоа дојде сосем случајно. Најпрвин со делкање дрво започна да се занимава мојот брат, па љубов кон копаничарството се јави кај мојот сопруг. Одеднаш, јас која толку се плашев од таквото хоби поради страв од работата со сечило и со остри предмети, започнав да ја изразувам својата фантазија преку вештината за работа со ноже. Крадевме од занаетот и од македонските резбари, па  и самите станавме членови на Здружението на копаничари на Македонија, кое го воскресна копаничарството во земјава после подолго време, вели Василева.

 	n1.

Во 2004 година заедно со неколкумина други копаничари ентузијасти  од Неготино формирале здружение и добиле сопствени простории во центарот на градот. Преку проект  добиле опрема за работа. Неполни десет години овде се изработуваат прекрасни сувенири од дрво, кои ги красат ѕидовите и витрината на работилницата. Меѓу нив е и претставата за „Тајната вечера” изработена токму од Василева, која чини две илјади евра. Во неа, вели таа, се вложени многу љубов, време и трпение.

- Рацете болат кога ќе се претера со работа, но задоволството е големо кога по одредено време фантазијата станува реалност во дрвото. Нема човек кој не занемува што се вели пред убавината на копаничарските производи. Нема таков кој не би посакал покрај себе да има едни вакви рачно изработени уметнички дела.  Ми се чини некако дека сепак странците повеќе ги  купуваат. Обично го сакаат Александар Македонски во дрво или сонцето од Кутлеш, открива нашата соговорничка, мајка на два полнолетни сина, од кои едниот веќе има свое семејство.

Во многубројните дела на вредните раце на неготинските коапничари се забележуваат разни мотиви. Импресионираат уникатните производи од дрво, во кои може да се чуваат зачини какви што би посакала секоја домаќинка. Можеби затоа што се изработени во најлозарскиот регион во Македонија, се чини дека најзастапени се сепак дрвените гроздови, кои мамат воздишки. А кога се во прашање грозјето и виното, интересни се и претставите  на баханалии,  изработка на сопругот на нашата домаќинка.

И човек можат да исклесаат од дрво

Во копаничарската работилница во Неготино ни кажаа дека целта им е заживување и зачувување на старите македонски занаети, особено копаничарството, како и подобрување на материјалната и општествена состојба на граѓаните од регионот. Здружението брои 16 членови кои организираат традиционални изложби во Неготино но и во други градови. Имаат реализирано над десет проекти со кои извршија обуки за копаничарство за деца, млади, невработени, за лица со посебни потреби. Обуките ги имаат поминато повеќе од двеста луѓе. Во работата на Здружението имаат учествувано и четири волонтери, припадници на Американскиот мировен корпус. Копаничарските дела изработени најчесто од орев, но и од круша, липа, бука, даб, се изложуваат и во музеи, хотели, винарии, павиљонот во археолошкиот локалитет Стоби и слично. Техниките за резба се истите тие кои ги користеле старите мајстори. Плитка и длабока резба, поткопана,  азурна или чипкаста  и скулптурална.

Дознавме дека постојат и такви уметнички дела на кои имаат работено сите членови на Здружението Стари занаети. Едно такво дело е претставата на светецот Свети Ѓорѓи.  Василева потсети  дека  неготинскиот музеј минатата година испечати каталог со нивни копаничарски дела и  има организирано повеќе изложби на копаници.

- Целиот живот можете да го видите издлабен во дрво. Неготинските копаничари со својата мајсторија едноставно ти се чини дека дури и човек може да исклесаат во дрво, толку се вешти во својот занает, коментираа тогаш посетителите на изложбата.

 	n3

А копаничарите, скромни по природа, се насмевнуваат и велат дека секојдневно се трудат  да бидат што е можно подобри и на што е можно подобар начин преку формите и фигурите издлабени во дрвото, да го претстават битисувањето на овие простори.

По повод 14 годишнината од формирањето на Здружението, неготинските копаничари посакуваат една голема аукција за продажба на нивните дела, а дел од парите би ги намениле во хуманитарни цели.

Желба им е да изработат иконостас

Сопругот на Лилјана Митко, ни кажа  дека времето е релативна работа во копаничарството и дека додека создаваат, никогаш не обрнуваат внимание на него. Откри дека странските државјани повеќе сакаат копаничарски дела со применета уметност и историски мотиви. Нашите повеќе милуваат икони или винови лози, флора и фауна, секојдневние  на пример во своите домови или работни простори.

- Најубаво ни е на душата кога твориме по сопствена инспирација, која ја наоѓаме насекаде околу себе, особено при нашите планинарски авантури.  Но се случува понекогаш да имаме и специјални порачки од некој што има посебна желба да му изработиме таква и таква копаница за себе или за подарок на пример, ни рече тој.

Го запрашавме има ли тајни во копаничарството и ако има, од кого тие учат  и дали марифетите во занаетот им ги пренесуваат  на синовите.

- Јас лично мислам дека секој резбар има своја тајна,  особено старите докажани  мајстори кои веќе  не се живи. Нашите деца знаат да резбаат, но поради обврски тоа сега не им е преокупација. Можеби во некое догледно време повторно барем за момент ќе му се навратат на копаничарството кое станува препознатлив знак за Василеви, додаде нашиот соговорник.

 	n2

Дознаваме дека копаничарските дела можат да достигнат цена од пет евра за сувенир од дрво, до околу две илјади евра за атрактивна и квалитетна резба. Се зависи од големината на копаничарското дело, од типот на резбата,  времето на изработка, мотивот и слично. 

- Наша желба е да имаме што е можно повеќе изложби и да изработиме иконостас, самостојно или во група, нагласи Василев.

 

Светлана Дарудова/МИА