Македонија
4. March 2021 - 18:20

Неготино ќе бара воведување полициски час во Општината за спречување на ширењето на Ковид-19

Општина Неготино и општинскиот Кризен штаб ќе испратат допис до Главниот кооринативен штаб на Република Македонија со барање за воведување на полициски час на територијата на Општината на неопределено време, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, информираа попладнево од неготинската локална самоуправа.

Кризниот штаб на Општина Неготино денеска одржал редовен состанок на кој се дискутирало за состојбата со коронавирусот во Општината.

– Согласно добиените информации од надлежните, констатирано е дека состојбата со Ковид-19 во Општината е алармантна, со тоа што бројот на активни случаи во моментот во Неготино изнесува 279 заболени лица, соопштуваат од локалната самоуправа.

Биле донесени неколку препораки и заклучоци.

– Со одлука на Советот на општина Неготино на Градскиот пазар ќе се ограничи продажбата на производи, односно ќе може да се продаваат само земјоделски производи. Во текот на денешниот ден стручни служби од Општина Неготино, ОВР Неготино и Пазарната инспекција извршија проверка на угостителските објекти во делот на почитување на пропишаните мерки за работа. Притоа им беше упатено, доколку не ги почитуваат мерките, ќе следуваат ригорозни мерки, односно, ќе се им бидат поднесени соодветни казни, стои во препораките и заклучоците.

Со нив, строго  се забрануваат групирањата на јавни површини (паркови, бензински пумпи, Спомен костурницата, СРЦ „Младост“), а се најавува дека ОВР Неготино ќе врши засилена контрола и доколку не се почитуваат мерките ќе следуваат соодветни санкции.

– Бидејќи е утврдено дека спортските терени, детските игралишта, Спомен костурницата, клупите на градскиот плоштад се користат за групирање на повеќе луѓе на јавна површина, истите соодветно ќе бидат оградени со ленти и сите непочитувања односно нивното користење надвор од препораките,  ќе бидат соодветно санкционирани од страна на надлежни институции, стои во заклучиците.

Локалните власти апелираат до сите граѓани на Општина Неготино доследно да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот – носење на заштитна маска, редовна дезинфекција на раце и површини како и одржување на соодветно растојание на затворено или отворено.

–  ЈП „ Комуналец“ ќе продолжи со редовната дезинфекција на територијата на општина Неготино.  Локалното население да ја подигне јавната чистота преку сопствено делување и грижа за животната средина како и соодветно третирање на отпадот. Посебно се потенцира за засилена и  редовна дезинфекција и заштита на работниците кои се превезуваат со автобусите на работа во ,,Дрекслмајер” Кавадарци, стои во препораките.