Бизнис
18. October 2018 - 19:10

Нефункционалните институции и лошата инфраструктура главна пречка за македонскиот бизнис

Нефункционирањето на институциите и лошата инфраструктура се главните пречки за бизнис секторот. Стопанствениците апелираат да се поштеди приватниот сектор од дневно политички активности. Според нив, економијата е во тешка состојба, како резултат на политичките и социјалните случувања во последните две години.

“Бизнисите во земјата се соочуваат со бариери предизвикани од централните и локалните институции, а тоа претставува голема загриженост за нас. Овој институционален пристап ја влошува ситуацијата во која се наоѓаат бизнисите. Економскиот развој на земјата е условен од слободната активност на претпријатијата без институционални и неинституционални пречки, секогаш применувајќи ги принципите, законските норми и подзаконските акти, утврдени како стандард во современите држави”, изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.

Стопанствениците сметаат дека реализацијата на капиталните инвестиции во делот на инфраструктурата се особено важни за здрава економија. Велат дека без поддршка и партнерство на бизнисот економските очекувања за земјата не е можно да се реализираат.

“Апелираме до централните и локалните институции за проблемите со кои се соочува бизнисот, особено во последно време, да им се пристапи со поголема посветеност и сериозност”, изјави Хоџа.

Работата на институциите, судството и инфраструктурата се сегменти според кои што Македонија се најде меѓу најлошо рангираните земји во Европа во овогодинешниот Извештај за глобална конкурентност на Светскиот економски форум.