Македонија
25. May 2019 - 17:19

Нефа си замина, стотици измамени останаа и без пари и без мебел

Еден кревет и две фотелји во салонот во Градскиот трговски центар е сè што остана од продавницата на Нефа мебел. Стотици потрошувачи останаа и без пари и без платените нарачки, откако компанијата целосно ги испразни своите продавници кои втор ден се затворени. Потрошувачите останаа без одговор, на телефоните од Нефа никој не одговара.

И тој, но и уште неколку измамени граѓани случајот го пријавиле и во МВР. Бројот на измамени е голем, а за тоа сведочат и коментарите на социјалните мрежи.

“Што е со Нефа? Имав купено кревет од експонатите и сега како да си го земам?”, прашува еден од купувачите. Друг вели “На 14 април уплативме, сè уште не е стигнато”.

Дел од граѓаните, пак, откриваат каде се наоѓа главниот магацин.

Некои потрошувачи оставиле и пораки на влезната врата од салонот. Авторот на оваа порака си го препознал и единствениот оставен кревет и сеуште се надева дека ќе гоповикаа за да си го земе.

“Јави се да дојдеме да го земеме кафениот кревет. Бевме во петокот во 19 часот беше затворено. Јави се да ни отвориш, креветот е платен”, пишува во пораката.

Нефа мебел е руско-српска фирма, а менаџментот на компанијата веќе заминал во својата матична земја. Освен испразнетите продавници, празно е и седиштето на компанијата.

Во Државниот пазарен инспекторат пристигнале неколку претставки во врска со овој случај, а инспекторите веќе направиле записници по увидот на терен.

“Според процедурата, инспекцијата дава рок од 30 дена на фирмата да им ги врати парите или да ги испорача производите до секој купувач кој направил нарачка и ја платил. Доколку не се случи тоа, записникот ќе им користи на оштетените купувачи како доказ за натамошна судска постапка”, вели за Сител Стојко Пауновски, директорот на Државниот пазарен инспекторат.

Освен трите салони во Скопје, Нефа имаше свои продавници и во неколку други поголеми градови во земјава, но и тие се испразнети.