Македонија
4. March 2016 - 11:58

Неексплодирана артилериска граната пронајдена во Лешок

 Неексплодирана артилериска граната со калибар од 100 милиметри била пронајдена вчера во непосредна близина на бензинската пумпа во Лешок, на земјоделска парцела што се наоѓа на десната страна од регионалниот пат Тетово - Јажинце, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Гранатата околу 15 часот ја пронашол Е.С.(51) од тетовското село Слатино додека со багер изведувал градежни работи на местото.  Тој веднаш го известил сопственикот на градежната фирма по што двајцата го пријавиле случајот во полиција.

- Извршен е комплетен увид со учество и на претставници од Дирекцијата за заштита и спасување. Местото и гранатата се фотодокументирани по што експлозивното средство е подигнато и безбедно транспортирано за натамошна постапка односно уништување. Гранатата била значително корозирана, без видливи ознаки и се претпоставува дека потекнува од постаро време, изјави Јосифовски.