Македонија
7. October 2018 - 16:43

Недостигот на висококвалификуван кадар ќе ја зголеми платата

Недостигот од висококвалификуван кадар ќе придонесе за зголемување на платите, бидејќи компаниите нема да можат да најдат работници, сметаат експертите. Стопанствениците веќе подолго време алармираат за проблемот со недостиг на кадри. Експертите велат дека странските инвеститори се тие што ја диктираат цената на пазарот на работна сила.

-Тоа пред сè се должи на големиот процент на луѓе кои што бегаат надвор од Македонија. Така да, компаниите нема да можат да најдат квалификувана работна сила. Така ќе имаме поместување на платите, не затоа што тие сакаат, туку зашто нема да можат да најдат соодветен кадар, вели економскиот експерт, Висар Адеми.

И од Светска банка предупредуваат за овој проблем. Оттаму советуваат државата веднаш да почне да работи на соодветна квалификација на сегашните ученици и студенти, за да ги подготви за побарувачката на пазарот на труд. Според Светска банка, бенефити од ова нема да имаат сегашните вработени, туку ползата ќе се види дури по една или две генерации.

Економистите предлаат домашните компании да се фокусираат на извозниот пазар, за полесно да дојдат до свежи пари, што е еден од основните услови за раст на платите на вработените.

-Ние сме премногу увозно зависна држава. Сè што консумираме е од надвор. Тие цени ќе зависат од глобалните берзи. Македонија треба да има нов економски модел што се базира на претприемништво, иновации и на извозниот пазар на овие локални компании, а не да чека од надвор некој да дојде, да преработува тука и да ги намалува платите зашто конкурентната предност ја гледаме во евтината работна рака, вели Адеми.

Во моментот во Македонија просечната нето плата изнесува 24.203 денари. Стапката на невработеност е 21,1 осто, но 55 отсто од невработените воопшто не бараат работа.