Македонија
9. јуни 2018 - 17:17

Недостиг на лекови ги одложи сите операции во прилепската болница, освен итните случаи

Поради недостиг на лековите Nesdonal I Efedrin стопирани се операциите во општата болница во Прилеп, освен за итните случаи, при што пациентите над кои требало да се изврши хируршка интервенција, биле препраќани во други институции или им се одложувале операциите. Ова го потврди директорот на општата болница, Драган Богоевски, кој рече дека овие лекови моментално ги немало во Македонија, а за нив замена ќе се барало од понеделник. Додека пак за лекот Fentanil добавувачот доцнел со испораката.

Во меѓувреме добивме информација од Министерството за здравство дека во текот на денешниот ден или најдоцна до утре скопските клиники ќе и ги испратат потребните лекови за операции на прилепската болница додека таа не набави нови.

Според О.К. на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп ова било само уште еден доказ дека оваа Влада предводена од СДСМ немала што да им понуди на граѓаните освен погубни политики.

„Ова ли се реформите во здравството кои министерот Филипче ги најави? На ваков ли начин СДС, се грижи за здравјето на граѓаните? Со ваквата негрижа, уште еднаш се доведува во прашање животот на прилепчани“, изјави Петар Ристески, претседател на О.К. ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека немало ништо од ветувањето за бесплатно здравство и 100.000 денари плата за лекарите. Наместо овие ветувања според опозицијата сега граѓаните биле доведени во ситуација да не можат да ги добиијат основните здравствени услуги.