Бизнис
26. September 2021 - 16:28

Неделата неработен ден останува само идеја, ќе се чека завршување на изборите

Наместо од први октомври, недела неработен ден највероајно ќе важи по изборите. Законот е заглавен во собранието кое се до завршувањето на локалните избори нема да заседава. Од ССМ велат дека се крајно револтирани. И покрај сите апели кои ги дале не се нашло време законот да се донесе. Велат со тоа се изиграни голем дел од работниците во земјава.

Со законот нема да бидат опфатени 40 тина дејности – односно сите оние чиј процес на работа не може да биде прекинат. Но сите кои ќе бидат ангажирани ќе добијат повисока дневница.

Ова законско решение првично требаше да важи од први јули годинава, но потоа надлежните одлучија да биде од јануари следната година на што реагираа од ССМ. Па така падна договор мерката да стапи на сила од октомври.

Ваквата мерка во регионот се применува во Црна Гора и Хрватска, а и Србија во моментов работи на ова законско решение.

Паралелно синдикатите се уште преговараат за новиот закон за работни односи. Од ССМ велат дека преговорите се закочени кај времетраењето на договорите на определено. Синдикатот бара тие да важат една година, а работодавачите сметаат дека треба да бидат 3 години.