Македонија
1. December 2022 - 16:33

Недела останува неработен ден

Недела останува неработен ден. Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на Стопанската комора за укинување на законското решение. 

-За Уставниот суд неосновани се наводите на Стопанската комора на Северна Македонија, којашто е подносител на оваа иницијатива и којашто бараше да се запре извршувањето на овој закон. Оваа одлука е конечна и секој мора да ја почитува, рече портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Уставните судии денеска само гласаа, а за предметот се расправаше уште во септември. Но, тогаш имаше само петмина уставни судии кои не беа едногласни предметот. Денеска од седум, шестмина дале поддршка недела да остане неработен ден.

-Против тоа беше еден судија кој најави издвоено мислење на темата, рече Беловска. 

Кај Сојузот на синдикати триумфализам. Оттаму велат на овој начин Уставниот суд придонел за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност кај работниците.

-На овој начин Уставниот суд ја враќа вербата на работниците и синдикатот како нивни претставник и застапник, во владеењето на законите и правда за сите во државата и покрај барањето и притисоците на одделени работодавачи кои водени од желбата за сопствен профит се обидоа да го намалат и елиминираат ова гарантирано право на работниците, велат од ССМ. 

Побаравме став од Стопанската комора, но оттаму рекоа дека одлуката на Уставен ќе ја коментираат откако решението официјално ќе пристигне во комората. Во иницијативата Комората навела дека компаниите на кои не им е дозволено да работат во недела се ставени во нееднаква правна положба од оние кои можат да работат, но и дека ден за неделен одмор може да биде кој било во неделата.

Инаку, Уставниот суд сега брои седум од девет судии, но на судијката Вангелина Маркудова мандатот и завршува на 7 декември. Тоа значи дека оттогаш Уставниот суд повторно ќе има проблем да се изјасни по одредени предмети. 

Расправата во Собранието за избор на еден од судиите се закочи кај сегашниот државен јавен обвинител Љубор Јовески за кој опозицијата со сите сили се бори да не стане уставен судија. Дополнително ќе треба да се изберат уште двајца уставни судии.