Македонија
20. May 2018 - 17:49

Недела на пресуди за „ПОТКУП“ и за „ТЕНК“

За Заев утре, за Груевски во среда. Кривичниот суд ќе ги објави пресудите за  актуелниот и поранешниот премиер.

По скоро три години предмет Поткуп стигна до судска завршница, но на крајот јавното обвинителство побара многу помала казна за премиерот Заев. Обвинителката го преквалификува делото и побара Заев да биде осуден за барање, наместо за примање поткуп, дело за кое е предвидена затворска казна од 1 до 5 години.

Неговите адвокати денеска не сакаа да коментираат, но најавија дека својот став ќе го кажат по изрекување на пресудата. Премиерот Заев пак во текот на постапката остана на ставот дека судскиот процес Поткуп е монтиран во време кога ги објавуваше т.н. политички бомби.

Во среда судот ќе ја соопшти и првата пресуда за екс-премиерот Груевски. Предметот Тенк на Специјалното обвинителство стартуваше пред помалку од 4 месеци, а врз основа на исказот на 30-тината сведоци и прислушуваните телефонски разговори, СЈО побара осудителна пресуда за Груевски и поранешниот заменик-министер во МВР Ѓоко Поповски.

Во завршните зборови екс-премиерот оцени дека судот е заробен и под политички притисок за редефинирање на државата, но побара да ги надмине ставовите и да донесе исправна одлука. Неговите адвокати велат дека приложиле многу повеќе докази со кои го побиле обвинението, за кое исто така побараа да биде отфрлено бидејќи дејствијата опишани во него се од пред 6 години, а кривичнот дело е веќе застарено.      

Пред судска завршница е и предметот Триста на Специјалното обвинителство. За набавката на нови возила за полицијата, на Поповски во овј предмет му се заканува затворска казна од 4 до 15 години. Пресудата, ќе биде објавена во вторник.