Балкан
28. November 2019 - 13:44

Не убиваат земјотресите, туку корупцијата во градежништвото: Српски архитект објаснува што се случи во Драч

Познатиот белградски архитект Небојша Глишиќ е огорчен од глетката на урнати згради во земјотресот што ја погоди Албанија.

Небојша Глишиќ во својата објава на Фејбук потенцира дека во последните десетина година ширум светот „не убиваат земјотресите, туку корупцијата во градежништвото“.

Освен на земјите во развој, тоа се однесува посебно и на земјите од поранешниот социјалистички блок, т.е. на поранешните југословенски републики од 1990 година па наваму.

„Првата слика говори дека целосно нов објект потклекнал под тежината на катовите, очигигледно е без адекватни сеизмички платна, хоризонтални и вертикални армиранобетонски сирклажи кои би ги прифатиле моќните сили на земјотресот. Само се склопило, онака како што можат да се склопат катовите на постари објекти на кои се наѕидани силни катови“, напиша тој.

Познатиот белградски архитект кој последните децении учествувал или потполно конструирал многу објекти низ Србија за западноевропските големи компании, констатира дека, дури и кога во зградите се вградуваат и големи количества бетон и арматура, катастрофата во случај на земјотрес е гарантирана ако на зградата и се „тенки колената“.

„На првите фотографии е вткаена сета моја децениска борба со аматерите во работата, со ситното користољубие, бедни заштеди во арматура, серклажи, сеизмички платна. Милион пати сум се сретнал со прашањето: зошто толку арматура и бетон? Еве зошто. Не се случува секој ден, но кога ќе се случи, однесува човечки животи и прави неизмерни штети. Да се работело според прописите, сите овие згради, повредени и мртви во нив, сега би биле живи и здрави.

-Освен ситни пукнатини и попаднати работи во становите и куќите, ништо посериозно немаше да се случи. Денеска би имале дом и живот, напиша Глишиќ.

Со други зборови, земјотресот со епицентар на неколку километри од Драч со своите 6,4 степени по Рихтер, иако јак, немаше да биде толку силен за вака да ги разори зградите низ Албанија. Глишиќ го свртува вниманието на очигледните работи на фотографиите од урнатините, разбиените агли на зградите немаат армиранобетонски столбови, неретко нема серклажен венец над ѕидовите, се заедно делува како да било чудо што и пред тоа не се срушило и без земјотрес.

„За вредноста на просечен телефон што се купува секоја година, би си купиле мир себеси и на идните генерации, ангажирајќи инженер да ја заврши својата работа. Неброено пати одбив да учествувам во проекти со бестијално надградување, зошто е јасно што може еден ден да се случи“.

Едно истражување на Универзитетот Колорадо од 2011 година за последиците од лошата градба на згради врз човечките жртви во земјотресите се утврдило дека во сите земјотреси во претходните три децении би можеле да се избегнат дури 83 отсто од сите мртви само зградите во погодените градови и населби да се подигале во склад со стандардите за заштита од земјотреси.

Истражувањето било големо, го опфатило целиот свет и покренало голем интерес кај светската јавност. Повод за истражувањето бил катастрофалниот земјотрес на Хаити во 2010 година. Тие 7 степени по Рихтер ни денеска не се знае дали убија 100.000 или дури 316.000 луѓе, со материјална штета од околу 8 милијарди долари во една од најсиромашните земји во светот. Авторите на истражувањето забележаа дека истата година и Нов Зеланд го погодил земјотрес исто така од 7 степени по Рихтер, а бројот на загинати бил нула. Немало мртви, а материјалната штета беше речиси занемарлива.

Најалармантниот заклучок на ова истражување беше тој што нивото на корупција во секоја оделна земја совршено со поклопува со бројот на загинати во земјотресите. Еден претходен труд на истата тема, кој го објави Springer Science во 2007. година наведува дека од 1992 до 2007 година ширум светот имало над 400 земјотреси во кои загинале 156.000 луѓе, биле повредени над половина милион, и 9 милиони останале без станови. Биле тоа низа тешки земјотреси во последните десет години пред оној на Хаити кој е апсолутно најлош. И ова истражување докажало дека корупцијата во секоја одделна земја во светот оди взаемно со лошата градба на згради, а со тоа и со големиот број загинати во земјотресите.