Македонија
18. July 2019 - 16:12

Не стивнуваат реакциите, јавноста бара целосно расчистување на случајот и за сите инволвирани

Случајот Рекет нема да има последици за македонските евроинтеграции, порача евроабасадорот денеска од охридско Слатино.  Според него, ангажманот на Јавното обвинителство e доказ за функционалноста на правната држава. Тој порачува лидерите да најдат начин СЈО да се вклопи во постојниот обвинителски систем

И Претседателот не криејќи ја својата разочараност по последните случувања го дели истиот став дека СЈО треба да добие свое место во правниот систем

И додека се бара начин да се амортизира ударот врз репутацијата на СЈО, политичките партии меѓусебно се обвинуваат за поврзаност со двајцата осомничени. Опозицијата го праша премиерот дали минатиот викенд со еден од осомничените во Рекет заeднички славел до раните утрински часови во локал во Охрид.
 Лидерот Мицкоски денеска во интервју потенцира дека власта прави обиди да ги испере инволвираните и целиот случај да го локализира на двајца до тројца обвинети.

„Практично јасно е дека првообвинетиот не би имал никаква сила тоа да го прави за што се обвинува ако не се неговите блиски релации со компромитираното СЈО, но и со самата врхушка на власта. Не може да се заборави неговата блискост со лица од власта, ниту пак наклонетоста кон власта на медиумот чиј што неформален сопственик е тој. Но главата на тој криминален октопод не се овие обвинети, ниту пак самото СЈО кои се спроведувачи на директиви, туку отворениот сомнеж говори дека тоа е Зоран Заев лично, а пипците на таквиот криминален октопод се луѓето околу Зоран Заев и во дворот на неговата партија“ – вели Мицкоски.

СДСМ пак обвинува дека опозцијата била блиска со приведените во случајот рекет.

Наместо да бега, Мицкоски да излезе и да и одговори на јавноста, на граѓаните: 
Дали со еден од осомничените на кои им е одредена мерка притвор имал неколку средби во една позната дискотека, а потоа и во белиот дворец?
Дали посегнал по парите на еден од осумничените?
Мицкоски е против правдата затоа што единствена негова мисија и цел е одбрана на криминалот на вистинскиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Мицкоски и штети на државата и работи против датум за преговори – стои во писменото соопштение на СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска демантираа дека Мицкоски имал средба со осомничените.

Во понеделникот полицијата по налог на обвинителството ги уапси Боки 13 и Зоран Кичеец под сомнение за рекет.