Македонија
14. August 2019 - 16:11

Не стивнуваат реакциите - изјавата на премиерот оценета како заканувачка, скандалозна и дискриминирачка

„Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар, и да ме извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа Влада од власт. Не. Ќе се бориме до крај затоа што секој кој се инволвирал секако ќе си носи одговорност“.

Од навредлива и недолична до храбра и остра порака за борба со криминалот. Вчерашната изјава на премиерот Заев поттикна бројни реакции од политичари и невладини организации.

Националната мрежа за борба против хомофобијата во писмо адресирано дирекно до премиерот му објаснува дека зборот педер не е нечија карактерна особина, туку збор кој го симболизира општеството кое гаи омраза, страв и гадење кон оваа заедница.

Ве повикуваме да се извините јавно, овој пат по уште понавредливите оправдувања, со цел да се санира штетата предизвикана врз јавното мислење од вашата изјава. Но уште поважно, Ве повикуваме интензивно и сериозно да се зафатите со унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, пишува во писмото до премиерот.

Агенцијата за медиуми побара премиерот да се воздржи од како што  оцени дискредитирање, етикетирање и дискриминирање.

Осуди пристигнаа и од ЗНМ и Македонската асоцијација на новинари. Двете здруженија оценија дека говорот на премиерот е агресивен кон новинарите, ја загрозува нивната безбедност и побраа јавно извинување. Според Советот за етика во медиумите изјавата на премиерот е недолична и несоодветна за носител на јавна функција.

Опозициската партија оценува дека Заев е најголемиот срам за оваа држава.

Во одбрана на Заев застана единстевно владејачката партија. СДСМ вели дека Заев вчера испратил јасна порака – дека правната држава конечно функционира и сите кои го прекшиле законот ќе одговараат.

Го знаеме добро, односот на оваа влада спрема медиумите, спрема новинарите. Знаеме дека институциите, од доаѓањето на оваа влада, не служат како алатка за репресија кон новинарите. Ги знаеме светските индекси кои што ја мерат слободата на изразување, слободата на говор, кажуваат и покажуваат реален раст во однос на слободата на изразување. Ние немаме никакви проблеми во однос на слободата на изразување. Апсолутно, кога се однесува за нешто, каде што некој новинар вели дека имал докази и притоа истите докази не ги пријавил во обвинителството.

Туку, наместо да ги пријави, за лична корист, сакајќи да привлече внимание спрема себе, злоупотребува луѓе, објавувајќи некакви колумни. Веројатно, во таа смисла, беа искажани и зборовите ‘суетен новинар’. Ние немаме никакви проблеми со слободата на говор, ниту пак на било кој начин, пробуваме да работиме на штета на слободното изразување на новинарите. Тоа е евидентно, тоа се приметува.

Костадинов потенцира дека токму Владата предводена од СДСМ континуирано работи на подобрување на правата на ЛГБТ заедницата, а Заев воопшто немал намера да ги навреди.