Македонија
30. October 2016 - 10:37

Не стивнуваат позитивните критики во САД за „Резервен живот“ на Лидија Димковска

Калеидоскопски роман со големо срце, вака њујоршкиот неделник „Паблишерс викли“ го нарече „Резервен живот“ на Лидија Димковска која успешно ја заврши тринеделната американска турнеја.

Димковска го претстави наградуваниот роман „Резервен живот“ на англиски јазик во превод на Кристина Крамер во десет градови во САД, а позитивните критики не стивнуваат.

Издавачот на романот „Ту лајнс прес“ (Two Lines Press) од Сан Франциско изјави дека во само три седмици од излегувањето, романот веќе доживува извонредно позитивни критички одгласи.

Уредникот за критика на ревијата за светска книжевност „Зборови без граници“  (Words Without Borders) М. Бартли Сигел, во својот избор на најдобри книги за месец октомври напиша: „оваа книга е необична, необично великодушна и великодушно убава - што според моето искрено мислење, е најдобрата комбинација, и изгледа е моето омилено четиво за месец октомври“.

Книжевната блогерка Ребека Опенхајмер, пак, го нарече романот „Книга на денот“ нагласувајќи дека „Понекогаш станува кристално јасно колку од светската литература пропуштаме ние во САД, како на пример маестралната сага на Лидија Димковска „Резервен живот“, која беше објавена во 2012 година и ја доби наградата на Европската унија за литература во 2013 година, а дури годинава се појави и во САД. Треба да се каже: подобро подоцна отколку никогаш! Резервен живот е ремек-дело што не прави да се надеваме дека ќе читаме уште многу од Лидија Димковска!“

Едно од најреномираните списанија за светска книжевност во САД, „Светската книжевност денес“ (World Literature Today) во својот најнов број и посвети на Димковска најголем простор од сите застапени автори: големо интервју што со авторката го водеше уредничката на списанието Мишел Џонсон, објава на две песни од стихозбирката „Црно на бело“ во препев на Љубица Арсовска и Патриша Марш, како и критички осврт за романот Резервен живот од врвната американска критичарка Лори Фитерс која е член на жирито за наградата „Најдобар роман во превод на англиски јазик“ за 2017 год. Таа за Резервен живот напиша: „Злата и Сребра, сијамски близначки со споени глави се неверојатни ликови од извонредниот роман на македонската писателка Лидија Димковска.

Преку јавните и личните трагедии, „Резервен живот“ потресно ја открива универзалната вистина за неможноста да се остане целосно отсечен од околностите на нашето раѓање. Димковска ги истражува овие кошмарни бремиња со чувствителност и со убаво артикулирано пишување што блеска во преводот на Кристина Крамер.“

Тимот на чикашката книжарница Unabridged Bookstore изјави дека „воодушевувачки внимателен, потресен и продорен, Резервен живот станува една од нашите најомилени книги на годината“.