Македонија
7. February 2020 - 17:49

Не се знае дали Македонците „заглавени“ на крузерот се заразени со корона вирусот

Четворица македонски државјани се во карантин поради Корона висусот. Тројца се на бродот закотвен во јапонското пристаниште Јокохама, а во Франција е жената која беше евакуирана од Кина. Властите во земјава чекаат детални информации од Јапонија дали Македонците се меѓу 60-тината заразени со опасниот вирус кои се наоѓаат на крузерот и како се нашле на бродот дали како туристи или се дел од персоналот.

Од МНР велат дека засега немаат директна комуникација со тројцата македонски државјани на бродот. Не се знае ниту нивниот идентитет, ниту од каде се.

- Во постојан контакт сме со нашата Амбасада во Токио која, пак, е во комуникација со Министерството за здравство на Јапонија и на тој начин добиваме информации за нив. На бродот се задржани во карантин заедно со сите останати лица поради присуство на корона-вирус кај дел од нив“, информираат од МНР.

Информации за состојбата на тројцата македонци чекаат и во министерството за здравство.

- Контактиравме и со Светската здравствена организација и со Министерството за надворешни работи за директно да стапиме во контакт со јапонските власти, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Сител контактираше со фирмата која посредува на македонски државјани да работат на крузери. Велат дека веќе 7 години не соработуваат со компанијата чиј брод е под карантин, но не ја исклучуваат можноста Македонците од претходно да биле работно ангажирани.

Инаку на бродот има 3700 лица од 56 држави.

Во меѓувреме корона вирусот зеде над 630 животи, а зарасени се повеќе од 31.000 луѓе во 25 земји.