Бизнис
5. November 2019 - 16:46

Не помина ниту еден месец од набавката а новите контејнери се претвораат во пепел

Не помина ниту еден месец од набавката, но три од новите контејнери веќе ги нема. Над четири илјади евра се пртворија во пепел. Она што градските власти го најавија како можност за намалување на загадувањето, со поголем капацитет и повисоки стандарди очигледно не им значи многу на граѓаните.

Само во текот на минатата ноќ во скопските населби Ѓорче Петров и Ново Лисиче опожарени и целосно уништени биле два од новите и шест постари типови контејнери. Во пожарот оштетен бил и еден автомобил што бил паркиран во непосредна близина. Во текот на викендот уништени биле уште 5 контејнери на различни локации низ градот.

“Уверени сме дека станува збор за интенционално опожарување. Сите случаи се пријавени кај надлежните органи и очекуваме да бидат во најкус можен рок најдени сторителите и да бидат санкционирани”, вели Ана-Марија Бранѓолица, портпарол на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Од Комунална хигиена велат дека годинава загрижувачки пораснал бројот на запалени и уништени контејнери.

Надлежните апелираат за поголема свесност на граѓаните.

“Тие се набавени од средства преку градот Скопје или преку претпријатието, меѓутоа станува збор за финансиски средства на граѓаните и за урбана опрема што е наменета за нивна употреба. Така што секое оштетување и уништување на таа опрема практично го оштетува и буџетот на самите граѓани”, вели портпаролката на Комунална хигиена.

Од невладиниот сектор реагираат што градските власти не кажале ниту збор за загадувањето кое се предизвикало со палењето на овие контејнери. Од О2 Иницијативата на својот фејсбук профил напишаа:

“Ни збор за штетата предизвикана со загадувањето на воздухот од горење на токсичната пластика, ѓубрето е бонус. Колку ли само канцерогени диоксини и други токсични супстанции се ослободиле? И каде се засилените инспекции, тимовите со полиција, колку контејнери треба да се запалат за да фатите некого на дело, 20?”

За поставување на нови 570 контејнери и 950 корпи за џебен отпад, градот Скопје потроши 1,5 милиони евра. Вредноста на само еден од новите контејнери со поголем капациет е 1.400 евра.