Македонија
22. July 2018 - 16:16

“Не летај, летувај!„ - Кампања за безбеден сообраќај

Скршено возило кое со себе носи трагична порака. Ова е визуелниот приказ во градскиот парк во Скопје, преку кој Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ја продолжуваат кампањата за подигнување на свеста кај возачите, под мотото „Не летај, летувај!“.

Кампањата почна во четвртокот и ќе се одвива во текот на јули и август, до кога ќе биде поставено и скршеното возило во паркот. Од Републичкиот совет ги потсетуваат возачите дека, возењето под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената се најчестите причини за сообраќајни незгоди во перидот на годишните одмори.

Првична цел за вакво автентично прикажување на последиците од неодговорно учество во сообраќајот со фатални последици, информираат од Републичкиот совет, е подигнување на свеста кај возачите за безбедно, одговорно и смирено учество во сообраќајот.

Најмногу сообраќајки се случиле во главниот град. Илјада 625 инциденти, од кои 35 со смртни последици. По бројот на инциденти следуваат Тетово, Куманово и Битола, но процентуално најголем број загинати има од сообраќајките во Струмица.   

Последните инциденти според билтенот на МВР се случиле вчера, кога на автопатот од велес - скопје во близина на патарината петровец се случила сообраќајка при што едниот од возачите се здобил со тешки телесни повреди. Во вториот случај, пак, на улицата стокхолмска во скопје биле прегазени двајца пешаци, кои се задржани на лекување.