Свет
11. јуни 2018 - 12:31

Не ги прима ниту Италија, ниту Малта, останаа заробени на отворено море: Брод со 629 мигранти нема каде да се укотви

Брод на кој се наоѓаат 629 мигранти, спасени на Медитеранот, се уште не се знае каде ќе се укотви, откако го одбија и Италија и Малта.

Италија соопшти дека не дозволува бродот да вплови во некое од нејзините пристаништа, и побара тоа да го направи Малта.

Малта, меѓутоа, го отфрли повикот, истакнувајќи дека нема никакви врски со спасувачката операција, поради која, како што констатираше Ројтерс, би можело да дојде до дипломатски спор меѓу двете сојузнички земји, членки на ЕУ.

Новиот италијански министер за внатрешни работи Матео Салвини во текот на изборната кампања вети дека ќе го запре приливот на мигранти во земјата.

„Малта никого не прима. Франција ги враќа луѓето од граница, Шпанија со оружје ја брани својата граница. Од денеска и Италија ќе каже „не“ на криумчарите на луѓе и бизнисот со илегална имиграција“, напиша Салвини на Фејсбук.

Над 600 мигранти се наоѓаат на бродто на хуманитарната група „САС Медитеран“.

Меѓунив се и 123 малолетни деца без придружба од родители, 11 деца и 7 бремени жени.

Над 600.000 мигранти со чамци од Африка стигнаа до брегот на Италија во последните пет години. Тој број драматично опадна последните месеци но претходните денови се повеќе има акции за спасување на мигранти на море.

Според податоците на ОН, најмлку 785 мигранти починаа во обид да го поминат Средоземното море од почетокот на оваа година.

Во првите пет месеци во 2018 година, вкупно 27.482 мигранти стигнаа до европскиот брег, од кои 7.614 дојода до Шпанија.