Македонија
22. January 2020 - 16:52

Не е укината амнестијата за 27-ми април

Законот за амнестија за собраниските настани од 27 април останува на сила. Уставниот суд ја одби иницијативата на Светскиот македонски конгрес за оценување на уставноста на целиот закон донесен во 2018та, иако мислењата на судиите на денешната седница беа поделени.

Тројца уставни судии меѓу кои и претседателот на судот Сали Мурати сметаат дека овој закон е целосно противуставен и ги урива темелите на највисокиот правен акт. Според нив, нејасно е како може за еден ист кривичен настан како оној во Собранието, дел од обвинетите да добијат амнестија, а останатите не.

Не може Собранието кое е единствено надлежно да дава амнестија ова право да го пренесе на судот да одлучува арбитрарно кој ќе добие, а кој нема да добие амнестија за ист кривичен настан. Ова не е прв, туку 6ти случај на давање амнестија, но никогаш на ваков начин.  Од тие причини сметам дека законот е противуставен, посочи на денешната седница уставниот судија Јован Јосифовски, став со кој се сложи и неговата колешка Елена Гошева, која потсети на амнестијата за воениот конфликт од 2001 година, која важеше за сите без разлика на стореното кривично дело.

Одлуката да не се поведува постапка за оценување на уставноста за Законот за амнестија со тајно гласање ја донесоа мнозинство уставни судии.

Ова е втора иницијатива за истиот закон за речиси еден месец. Уставниот суд претходно го одби барањето за укинување на селективната амнестија за собрансиките настани кој до нив ја достави екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој заработи казна затвор од 18 години.