Свет
18. March 2017 - 11:58

Не е пронајден експлозив кај напаѓачот на аеродромот „Орли“

Според првичните информации од истрагата, убиениот напаѓач на парискиот аеродром „Орли“ успеал да му одземе на припадникот на воената патрола автоматска пушка од типот „Фамас“, но не ја употребил. Застреланото лице немало експлозив на телото и засега не е познат неговиот идентитет, јави дописникот на МИА од Париз.

Засега полицијата воспоставува безбедносен појас околу и во аеродромот. Двата терминала и над 3.000 патници се евакуирани. На аеродромот „Орли“ во тек е операција на деминирање, односно проверка на аеродромската зграда од срана на специјалните полициски сили

Пристапот кон аеродромот е целосно блокиран. Ниту еден авион не полетува, ниту слетува на „Орли“, сите летови се пренасочени кон „Роаси“.

Овој напад француските медиуми го поврзуваат со друг инцидент врз припадници на полицијата, кога околу седум часот изутринава, тројца полицајци се обиделе да контролираат еден автомобил во Стан, во северниот дел на Париз.

Возачот прво ги извадил личните документи, а потоа и оружје, пред да пука кон полицајците, при што еден бил повреден. Неговиот автомобил е пронајден на аеродормот „Орли“. 

Според полициски извор, двата напада извршени денеска се дело на еден ист човек, радикален муслиман, кој му е познат на француското разузнавање.