Македонија
7. November 2018 - 20:39

„Не биди медиумска мета“ порачуваат студентите во акција за подигање на медиумската писменост

Преку воведување на медиумската писменост во конвенционалното образование, младите се помалку ќе бидат жртви на  медиумите - е главната порака од студентскиот хепенинг одржан во рамките на Европската недела на медиумска писменост.

На собирот пред платото на УКИМ, студентите од Правниот факултет говореа против пропагандата и агресивното потрошувачко општество, медиумскиот хаос во Македонија, а посебно медиумската писменост, теми што, според нивните ментори, се недоволно третирани во земјава.

Студентите преку митингот побараа да се воведе едукација за препознавање на лажни вести и пропаганда.

Со настанот беше отворен проектот „Не биди медиумска мета“, кој се работи втора година по ред и треба да испрати порака до релевантните инстанци во државата, со цел забрзано имплементирање на концептот на медиумската и дигиталната писменост во класичното образование.