Бизнис
11. May 2016 - 14:22

НБРМ:Монетарната поставеност соодветна, дополнителни промени не се потребни

Монетарната поставеност е соодветна и нема потреба од дополнителни промени, откако НБРМ донесе одлука за зголемување на каматната стапка од 3,25 отсто на 4 отсто на почетокот на мај, како реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките а заради неекономски причини.

Ова е оценка на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ кој на седница ги разгледа најновите остварувања, а во контекст на последните макроекономски проекции.

Како што соопшти НБРМ,  се задржа констатацијата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата. Притисоците на девизниот пазар и врз депозитната база на банките, во втората половина на април и на почетокот на мај, се исклучиво последица на влошените очекувања и намалената доверба на субјектите, во услови на продолжена политичка криза.

- Сите досегашни, расположливи макроекономски показатели упатуваат на солиден економски раст, што во еден дел е поддржан и од кредитната активност на банките. Податоците за инфлацијата за април упатуваат на понатамошен пад на цените, при пониски цени на храната и енергијата, додека базичната инфлација и понатаму се движи во зоната на умерени позитивни годишни промени. Во надворешниот сектор, дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и стеснетиот енергетски дефицит, а надворешните финансиски приливи и понатаму се солидни. Притисоците врз девизните резерви, присутни во последниот период, се одраз на однесувањето на домашните субјекти, чијашто склоност за располагање со девизи, во нестабилен политички контекст, е значително зголемена. И покрај интервенциите на девизниот пазар, сите показатели за резервите покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови, стои во соопштението.

Во април, под влијание на автономните фактори, ликвидноста на банкарскиот систем забележа висок месечен пад од 7.035 милиони  денари. Најголемо влијание за намалувањето на ликвидноста на банките имаа интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, преку кои е обезбедена девизна ликвидност за задоволување на зголемената побарувачка од страна на физичките лица за девизи и за странска готовина. Растот на готовите пари во оптек, исто така, придонесе за намалување на ликвидноста на банките. Динамиката на готовите пари во оптек во текот на месецот, покрај од сезонски повисоката побарувачка пред велигденските празници, произлезе и од зголемената побарувачка за денарска готовина при неизвесност од политичката криза.

Гледано според динамиката, како што стои во соопштението, ликвидноста позначително се намали во втората половина од месецот, кога се зголеми неизвесноста поврзана со политичката ситуација во земјата, што беше проследено со шпекулации за стабилноста на банкарскиот систем и за девалвација на курсот на денарот. Во вакви услови, беше зголемена склоноста на економските субјекти за поседување девизи. Физичките лица значително ја зголемија побарувачката за девизна готовина, што создаде притисок на девизниот пазар одразен преку претворање на денарските депозити во девизи и нивно влечење од банките и притисок на менувачкиот пазар на банките одразен со висока продажба на банките на девизна готовина на физичките лица, во услови на неможност менувачниците да ја задоволат високата побарувачка за девизна готовина, заради намалениот откуп на девизи. Со оглед на овие случувања на девизниот пазар, Народната банка во април ги обезбеди банките со потребната девизна ликвидност во износ од 77 милиони евра. Од почетокот на мај, се забележува стабилизирање на побарувачката за девизи на девизниот пазар, што услови намалени интервенции за продажба на девизи од страна на Народната банка.

Со оглед на повлечената ликвидност од банкарскиот систем во претходниот период, главно врз основа на интервенции на девизниот пазар, Комитетот за оперативна монетарна политика оцени дека побарувачката за благајнички записи на аукцијата којашто ќе се одржи на 11 мај ќе биде пониска од достасаниот износ за околу 3.000 милиони денари. Следствено, беше донесен заклучок да се понуди вкупен износ на благајнички записи од 22.000 милиони денари, по каматна стапка од 4 отсто.

Во однос на ризиците, Комитетот и понатаму оценува дека се неповолни, особено што се однесува на домашните политички ризици од коишто ќе зависат остварувањата на показателите од домашната економија и отстапувањата во однос на проекциите, и со основното, и со алтернативното макроекономско сценарио, објавени во претходното соопштение на НБРМ. Неповолни се и ризиците од надворешното окружување, кое и понатаму е неизвесно. НБРМ, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти и за успешно остварување на целите на монетарната политика.