Бизнис
16. December 2015 - 17:57

НБРМ: Солиден економски и кредитен раст, девизните резерви на адекватно ниво

Последните остварувања во економијата укажуваат на задржување на слична макроекономска слика во ноември како и во октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст и отсуство на ценовни притисоци што обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво.

Ова е заклучокот од вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија. 

Во соопштението од НБРМ објавено денеска се наведува дека ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување.

- Во однос на надворешните фактори, тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, евентуалното пролонгирање на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата, заради поголемата воздржаност на домашните и странските субјекти. Сепак, дел од ризиците се ублажени со последната мерка на НБРМ од август. Оваа мерка, со којашто се направија промени во поставеноста на инструментот задолжителна резерва, има за цел да обезбеди понатамошна поддршка на долгорочното штедење во домашна валута и со тоа, поддршка на процесот на „денаризација“ на економијата, се вели во соопштението.

Најновите макроекономски показатели, како што оценува НБРМ, не упатуваат на поголеми промени во монетарната политика.

Инфлацијата во ноември бележи благ раст на месечна основа, но на годишна основа и во просек во првите единаесет месеци од годината, општото ниво на цените во домашната економија и понатаму бележи намалување од 0,3 проценти.

- Во услови кога и цените на храната и базичната инфлација, во просек, за целиот период бележат годишен раст, намалувањето на цените е последица на падот на цените на енергијата. Остварувањата се малку под проекциите, што заедно со очекувањата за пониски светски цени на енергијата и на прехранбените производи, упатува на надолни ризици за проекцијата за инфлацијата за следниот период. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат дека неизвесноста околу идното движење на овие производи е значителна, а можноста за ненадејни промени кај овие категории е голема, се вели во соопштението.

Девизните резерви, наведува НБРМ, во последното тримесечје бележаат раст што најмногу се должи на задолжувањето на државата на меѓународниот финансиски пазар со издавање еврообврзница. Девизниот пазар веќе подолг временски период е стабилен, без потреба од поголеми интервенции од страна на НБРМ.

Првичните податоци за ноември покажуваат и натамошен месечен раст на кредитниот пазар. Остварувањата кај вкупните депозити заклучно со ноември покажуваат дека нивниот раст може да биде малку посилен во однос на октомвриските проекции.

- Во ноември, ликвидноста на банките, под влијание на автономните фактори, бележи пад втор месец по ред, што условува намалување на состојбата на краткорочните депозити на банките кај Народната банка, наведува НБРМ. 

На седницата е одлучено на аукција да се понудат благајнички записи на ниво од 25.500 милиони денари со непроменета каматна стапка од 3,25 проценти.