Македонија
5. November 2015 - 12:24

НБРМ издаде нови ковани пари за колекционерски цели

Народната банка на Република Македонија информира дека се издадени и пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Александар“, „Ана“, „Димитар“ и „Елена“ од серијата „Ден на Ангел“. 

Овие ковани пари се изработени од сребро, во овална форма, со вметнат кристал „сваровски“ со димензија 2,6 милиметри. Цената на кованите пари изнесува 3.500 денари.

На аверсите на кованите пари е претставен ангел наведнат над дете во моментот на крштевањето. Претставени се обоени, златни ѕвезди околу ангелот и три свеќи околу детето. Во средишниот дел од аверсите на монетите е прикажан грбот на Република Македонија. На десната страна, по должината на периметарот, се прикажани натписите „Република Македонија“ и „100 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2015“.

На реверсот, во средината на кованата пара „Александар“ е прикажан ликот на свети Александар Невски, кнез на Новгород, велики кнез на Киев и велики кнез на Владимир, еден од најголемите руски херои во историјата, прогласен за светец од страна на Руската православна црква во 1547 година. Во долниот дел на кованата пара е прикажана црквата на свети Александар Невски во Дмитров (Московски регион - Русија). На левата страна се прикажани лисја и плодови од костен - симболот на името Александар. На десната страна е вметнат кристал „сваровски“ кој наликува на александрит - среќниот камен на Александар. Од натписите има „Александар“ (на македонски и руски јазик), „Ден на Ангел“ (на македонски јазик) и ознаката „Аг 925“.

Кованата пара „Ана“ на реверсот, во средината е прикажан ликот на света Ана Кашинска, руска кнегиња канонизирана во 1650 година. Во долниот дел на кованата пара е прикажана црквата на старите верници, света Ана Кашинска во Михаиловскаја слобода (Московска област, село Раменски - Русија). На десната страна се прикажани лисја и плодови на оскоруша - симболот на името Ана. На левата страна е вметнат кристал „сваровски“ кој наликува на рубин - среќниот камен на Ана. Од натписите има „Ана“ (на македонски и руски јазик), „Ден на Ангел“ (на македонски јазик) и ознаката „Аг 925“.

На реверсот, во средината на кованата пара „Димитар“ е прикажан ликот на Димитар Донски, кнез на Москва (од 1359 година) и велики кнез на Владимир (1363-1389 година). Неговиот прекар, Донски (според реката Дон), потекнува од неговата победа против Татарите во битката кај Куликово (1380 година), која се водела по течението на реката Дон. Во долниот дел на кованата пара е прикажана црквата Димитар Донски во Тјумењ (Сибир, Русија). На десната страна е прикажан цветот хризантема - симболот на името Димитар. На левата страна е вметнат кристал „сваровски“ кој наликува на лапис лазули - среќниот камен на Димитар. Натписи: „Димитар“ (на македонски и руски јазик), „Ден на Ангел“ (на македонски јазик) и ознаката „Аг 925“.

На реверсот, во средината на кованата пара „Елена“ е прикажан ликот на света Елена (света Елена или Флавија Јулија Елена Августа), мајката на императорот Константин Велики. Таа е важна личност во историјата на христијанството поради големото влијание коешто го имала врз нејзиниот син и поради нејзиниот придонес за сместувањето на христијанството во срцето на западната цивилизација. Во долниот дел на кованата пара е прикажана црквата Свети Константин и Елена во Кривој Рог. На левата страна е прикажан јасен и неговите цветови - симболот на името Елена. На десната страна е вметнат кристал „сваровски“ кој наликува на калцедон - среќниот камен на Елена. Натписи: „Елена“ (на македонски јазик), „Ден на Ангел“ (на македонски јазик) и ознаката „Аг 925“.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.