Бизнис
2. February 2017 - 12:48

НБРМ: Економијата закрепнува, растот во третиот квартал 2,4 отсто

Растот на економијата за 2016 година се очекува да изнесува 3,5 проценти. Во третиот квартал остварен е раст на БДП од 2,4 проценти, што е над октомвриската проекција на НБРМ од 2,3 проценти, а носечки сектор е градежништвото.  Се очекува проектираниот раст на БДП за цела 2017 да изнесува 3,5 отсто, а за 2018, 3,7 отсто.

Ова го констатира денеска Советот на Народна банка на Република Македонија на седница на која е разгледан најновиот Квартален извештај.

Утврдено е дека во последното тримесечје од 2016 година каматната стапка на благајничките записи се намали за 0,25 п.п., а на почетокот на јануари 2017 и за дополнителни 0,25 п.п, со што оваа основна каматна стапка се сведе на 3,5 отсто.

- Овие одлуки на Народната банка беа резултат на видливото и континуирано неколкумесечно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти по претходно преземените мерки за справување со изразените шпекулативни притисоци од неизвесниот политички амбиент во второто тримесечје, а при натамошно задржување на оцените за стабилност на економските фундаменти, стои во соопштението на НБРМ. 

Остварувањата покажуваат дека и покрај зголемените ризици поврзани со фактори од домашна и надворешна природа, темелите на домашната економија останаа солидни и во 2016 година. Во соопштението додаваат дека девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем, коишто беа под најголемо влијание на политичките случувања од вториот квартал, до крајот на годината повеќе од целосно ги надоместија претрпените одливи. - Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, а тоа закрепнување се одвива без ценовни притисоци и во услови на натамошно одржување соодветно ниво на девизните резерви. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и се поврзани со домашниот политички амбиент, а присутни се и надворешните ризици, истакнуваат во соопштението и додаваат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент, како и од остварување на надворешните ризици.

Во третиот и во четвртиот квартал на 2016 година вкупната инфлација изнесуваше минус 0,1 отсто, што доведе до пад на потрошувачките цени за целата година од минус 0,2 отсто.  Во 2017 и 2018 година се очекува умерено забрзување на вкупната инфлација на 1,3 отсто и околу 2 отсто, соодветно, но оваа проекција и натаму е придружена со ризици, главно поврзани со движењата на светските цени на нафтата и храната, како и со растот на домашната економија.

Во рамки на надворешниот сектор, остварувањата во третото тримесечје од 2016 година укажуваат на остварен суфицит во тековната сметка од 1,4 отсто од БДП, што е на ниво на очекувањата со октомвриската проекција. Притоа, појаснуваат, подобри остварувања бележи салдото на стоки и услуги, додека мало негативно отстапување се забележува кај салдото на примарниот доход. Во финансиската сметка се остварени високи приливи на нето-основа од 428 милиони евра, или 4,5 отсто од БДП, а главно како резултат на надворешното задолжување на државата.

Девизните резерви се задржаа на адекватно ниво во текот на целата година. И во 2017 и 2018 година се очекува кумулативен раст на девизните резерви, како и нивно задржување во сигурната зона, односно на ниво соодветно за справување со непредвидени шокови.