Кошарка
19. јуни 2016 - 14:35

НБА финале: Голден Стејт или Кливленд ?

По три години повторно шампионот во НБА лигата ќе биде познат по одигрувањето на мајсторката или натпреварот број 7. Шампионот Голден Стејт ја има предноста на домашен терен да стигне до одбрана на титулата, додека Кливленд ќе се обиде да стигне до првиот шампионски прстен.
Ова ќе биде 17.ти пат во НБА финалето титулата да биде доделена по одигрувањето на „мајсторката“. Кошаркарите на Кливленд предводени од Леброн Џејмс кој на последните два натпревара постигна по повеќе од 40 поени успеаја од 1-3 да стигнат до 3-3 во добиени натпревари. Но, токму Леброн Џејмс нема ниту една победа во мајсторка со тимот на Кливленд.
 
Традицијата е на страна на Голден Стејт бидејќи ниту еден тим кој водел со 3-1 во финалето не останал без титулата. На претходните шест натпревари на сите разликата за победникот беше двоцифрена, но дека тимовите се изедначени покажува и фактот што во вкупниот број поени скорот е 610:610.
Двајцата тренери Стив Кер (Голден Стејт) и Тајрон Лу (Кливленд) ќе бидат пред голем предизвик.
 
За големиот интерес за „мајсторката“ покажува и податокот дека еден купувач две влезници до самиот терен ги купил по цена од 49.500 долари (за една влезница), претходно највисоката цена за една влезница беше 37.000 долари за натпреварот број 4 од финалето 2008 година меѓу ЛА Лејкерс и Бостон.
 
Победа за Голден Стејт ќе значи одбрана на титулата и втора шампионска титула (второ финале како Голден Стејт), додека Кливленд го игра своето трето финале и ја „брка“ првата титула.
Почетокот на натпреварот е вечерва во 2 часот по полноќ по македонско време. 
 
Резултати на претходните натпревари од финалето:
Голден Стејт - Кливленд 104:89
Голден Стејт - Кливленд 110:77
Кливленд - Голден Стејт 120:90
Кливленд - Голден Стејт 97:108
Голден Стејт - Кливленд 97:112
Кливленд - Голден Стејт 115:101