Кошарка
19. October 2018 - 11:17

НБА: Џејмс дебитираше со пораз во дресот на Лејкерси

Портланд трејлблејзерс забележа победа во првиот меч што го одиграа во новата НБА-сезона. Портланд славеше во дуелот со ЛА Лејкерс 128:119.

Леброн Џејмс го имаше дебито на официјален меч за Лејкерс и одлично влезе во дуелот. Тој ги раздвижи соиграчите во првиот период кои стигнаа до предност од 10 поени. Портланд успеа да се врати во мечот и првиот период да го заврши со позитива 34:31.

Моментумот од финишот на првата четвртина домашните го префрлија и во втората кога стигнаа до двоцифрена предност, но овој пат Лејкерси беа тие што се вратија во натпреварот.

Третата четвртина мина во израмнета, а во решавачкиот период разликата ја направија Демијан Лилард и Ник Стаускас, додека конечниот удар на Лејкерс им го зададе Си-Џеј Мекалум.

На крајот на Лејкерси не им помогна „дабл-дабл“ ефектот на Леброн Џејмс (26 поени, 12 скока). Портланд го предводеа Лилард со 28 поени, четири помалку уфрли Стаускас, а Мекалум постигна 21 кош.