Бизнис
15. August 2020 - 16:15

НБ: Сите мерки што ги презедовме кон „Еуростандард банка“ се за заштита на депонентите

Граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците. Сите мерки кои ги има преземено Народната банка кон „Еуростандард банка“ АД Скопје се за заштита на депонентите на банката, соопшти денеска НБРСМ.

Банката во соопштението наведувс дека со ограничувањето на кредитирањето се заштитиле депозитите на депонентите.

– Ако не се стореше тоа, банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на „Еуростандард банка“ АД Скопје и го стори тоа, се истакнува во соопштението.

Народната банка нагласува дека сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката.

– Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката. Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше, образложи НБРСМ.

Стручните служби и раководството на Народната банка, како што истакнаа од таму, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката.

Народната банка е независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите, се додава во соопштението

Од Народна банка наведоа дека сите мерки коишто ги презеле биле во насока да не се дозволи „Еуростандард банка“ АД Скопје одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање, коишто би биле на штета на депонентите и доверителите.

– Ја известуваме јавноста дека во врска со невистините и клеветите изнесени од страна на сопствениците на „Еуростандард банка“ АД Скопје, во рамки на нивните настапи по донесување на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на Банката, Народната банка ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет, информираа од Народната банка.