Бизнис
21. November 2019 - 15:07

НБ: Депозитите и кредитите и во октомври со раст

Депозитите во октомври годинава бележат месечен раст од 0,4 отсто, што е резултат на зголемувањето на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на растот на депозитите кај корпоративниот сектор, објавува Народната банка.

Според објавените податоци, кај кредитите во октомври е забележан месечен раст од 0,8 отсто и годишен од шест отсто. Поголем придонес кон растот кај кредитите има секторот домаќинства.

Кај депозитите на годишна основа, растот изнесува 9,6 отсто и е под влијание на растот кај двата сектора, при поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголемени за 0,9 отсто на месечна основа, главно под влијание на зголемувањето кај краткорочните и долгорочните депозити во странска и домашна валута, додека депозитните пари имаат остварено пад. На годишна основа, кај овие депозити е забележан раст од 9,6 отсто, што во најголем дел се објаснува со зголемувањето на депозитните пари и на краткорочните депозити во странска валута.

Кај кредитите на корпоративниот сектор е евидентиран месечен раст од 0,6 отсто и годишен раст од 2,2 отсто. Анализирано според валутната структура, кредитите одобрени во странска валута имаат поголем придонес кон растот на месечна основа, додека на годишна основа поголем придонес кон растот имаат кредитите одобрени во денари. Со исклучување на ефектот од извршените отписи на сомнителните и спорните побарувања, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај корпоративниот сектор во октомври изнесува 4,5 отсто.

Депозитите на домаќинствата, во октомври, бележат месечен раст од 0,2 отсто, при остварен раст кај сите компоненти на оваа категорија, со најизразен придонес на долгорочните депозити во странска валута, депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута. Стапката на годишен раст кај овие депозити во октомври изнесува 9,3 отсто и е резултат на растот кај сите компоненти, со поголемо учество на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

Кредитите на домаќинствата се повисоки за 1,1 отсто и 9,7 отсто на месечна, односно на годишна основа. Анализирано по валута, кредитите одобрени во денари имаат малку повисок придонес кон нагорните месечни и годишни промени.

Според намената на одобрените кредити на физичките лица, во октомври 2019 година, најзастапените категории, се потрошувачките и станбените кредити, кои остварија месечно зголемување од 1,3 отсто и 0,9 отсто соодветно, при годишен раст од 13,5 отсто и 11,6 отсто, соодветно. Кај Аатомобилските кредити забележан е месечен пад од 0,5 отсто, при годишен раст од 2,7 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички на месечно ниво се зголемени за 0,5 отсто, додека на годишно ниво се намалени за 2,6 отсто. Во октомври, негативните салда на тековните сметки забележан е месечен и годишен раст од 1,4 отсто и 2,2 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи имаат остварен месечен и годишен пад од 0,6 отсто и 8,7 отсто, соодветно.