Македонија
8. јуни 2019 - 19:32

Навремено запознавање со работата во ИТ-компаниите за да можат студентите да бидат конкурентни на пазарот

Со цел студентите од Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола да бидат конкурентни на пазарот, треба уште за време на студирањето да знаат што и како се работи во ИТ компаниите. Праксата е важна за нивното идно вработување.

-Работните групи сметам дека се клучен дел од нашето образование бидејќи стекнуваме практични вештини кои ќе ни послужат за наше идно вработување во некоја од комапниите каде сме обавиле практична работа или во некои други, рече Димитар Митревски, студент на ФИКТ 

Од факултетот велат дека е нивна обврска да ги следат трендовите во ИТ секторот и што повеќе да ги вметнат барањата и потребите на компаниите во студентските програми.

- На тој начин ИТ компаниите се поблиску до студентите и можат да ги регрутираат за идни вработувања во нивните компании, обезбедуваат идна работа, а со тоа како најголема придобивка тие остануваат во државата. Просечната плата во ИТ секторот е доста висока и со тоа ги задржуваат младите во Македонија, истакна Проф. Д-р Снежана Савовска, продекан на ФИКТ. 

Користа е обострана.

-Бидејќи добиваме работна сила која работи на ИТ проекти, но и студентите уште од студентските клупи прибираат искуство и практики како да работат на ИТ проекти, рече Д-Р ана Ристовска, сопственик на ИТ компанија. 

-Ова е прекрасна можност студентите да научат од искусни програмери кои повеќе од 10 години работат на проблематики и своето време го „трошат“ да им помогнат и да ги научат се што е потребно за да ја најдат својата работа после факултет полесно, рече Рената Павловска, маркетинг консултант во ИТ компаниа.

Едногодишната соработката меѓу Факултетот за информатички и комуникациски технологии и ИТ бизнис секторот од Битола заврши со презентација на изработените студентски проекти.