Македонија
25. January 2018 - 16:10

Наумовски и Василакис заминуваат во историјата – преговорите со посредство на Нимиц ќе ги водат Димитров и Коѕијас

Преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис се чини ја имаа последната рунда преговори за името.

Премиерот Заев по вчерашната средба со грчкиот колега Ципрас објави дека преговорите ќе се одвиваат на повисоко ниво.

,,Остануваме посветени на преговарачкиот процес, за чија имплементација е назначен медијаторот Метју Нимиц од страна на Обединетите Нации. Ќе го кренеме нивото. Министрите за надворешни работи ќе ги преземат преговорите. Тие ќе работат заедно со нивните тимови. Ова ќе дозволи повеќе динамика и суштина во процесот на преговорите‘‘, изјави Заев.

Од владата појаснија дека министрите ќе имаат ексклузивно право да оценуваат кој се би бил вклучен во преговарачкиот процес.

,,Преговорите ќе ги водат министрите за надворешни работи под покровителство на Обединетите Нации и со соодветна вклученост на премиерите. Министрите за надворешни работи ќе проценуваат кои други чинители и во кои фази ќе бидат вклучени во рамки на процесот‘‘, велат од владата.

Преговарачот во спорот за името го назначува претседателот на државата во координација со влада.

Од кабинетот на Иванов засега не ја коментираат најавата дека практично Наумовски повеќе нема да биде дел од преговарачкиот процес.

Пред Наумовски, таа функција ја извршуваше Зоран Јолевски, а пред него актуелниот шеф на дипломатијата Никола Димитров. Прв преговарач беше македонскиот дипломат Вања Тошевски.