Кошарка
15. December 2016 - 23:07

Наумоски останува претседател на МКФ

Петар Наумоски останува на чело на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и во наредниот период, откако ја доби потребната поддршка да остане прв човек на Мак-баскетот.

За доверба на Наумоски гласаа 18 од вкупно 28 членови со право на глас на собранието, а 10 беа против.

Мнозинството клубови се согласија со политиката која ја спроведува Наумоски, со цел развој на кошарката во Македонија.

Втора значајна одлука на денешното собрание е одлуката за задолжителен настап на најмалку двајца македонски кошаркари на терен во текот на целиот натпревар.

Овој предлог дојде од Здружението на кошаркари, а беше главна причина за одржување на денешното собрание.

Предлогот беше прифатен од 25 клуба, а само три беа против.

Со оваа одлука е отворен патот на Федерацијата овој предлог конечно да биде имплементиран, и тоа од наредната сезона.