Живот
6. May 2020 - 11:23

#НаукаЗаДеца – Научници и наставници започнаа иницијатива која промовира научна култура

#НаукаЗаДеца е иницијатива која потекнува од група научници и наставници, но е отворена за сите. Тоа е некомерцијална иницијатива која промовира научна култура и ментална фискултура кај најмладите. Воедно, во моментов, може да послужи како извор на дигитални едукативни ресурси кои може директно да се искористат во наставниот процес.

Веб страницата ќе започне со работа денеска на пладне – http://naukazadeca.mk/

„Наука за деца” е под покровителство на граѓанската инцијатива Кантарот (http://qantarot.blogspot.com/). На таа иницијатива се приклучи ОХО (www.oxo.org.mk) со цел да се поттикне дигиталната трансформација на македонското образование, и невладината организација ДИГ-ЕД (http://dig-ed.org/) чија мисија е да се промовираат дигитални ресурси во образованието.

– Коронавирусот нè натера сериозно да размислуваме за дигитализацијата на македонското образование. Во овој момент родителите разбираат дека децата имаат ограничено количество внимание во ситуација кога не се заедно со своите учители и соученици. Додека, наставниците се свесни дека сегашниот образовен системот не е создаден да поддржува образование на далечина, а сепак наставните содржини треба да се прилагодат на новото време. Токму затоа, научниците имаат шанса да промовираат и потпомогнат научна писменост меѓу најмладите, користејќи ги ресурсите кои се лесно достапни, велат претставници од граѓанската иницијатива Кантарот.

Посочуваат дека постојат три извори на информации кои се споделуваат на #НаукаЗаДеца.

– Во соработка со FuseSchool (https://www.fuseschool.org/) внимателно селектиравме видеа со содржини од природните науки, кои наставниците кои се приклучија на иницијативата ги анотираа и преведоа на македонски јазик. ОХО ги искористи преводите за да ги синхронизира видеата на македонски јазик. Научниците кои се приклучија на иницијативата креираат описи на научни експерименти кои можат да се изведат во домашни услови. Ги повикавме и студентите (прво на ФИНКИ, но повикот е отворен за сите) да креираат кратки видеа со експерименти што се направени во домашни услови и да ги споделат по социјалните мрежи со хаштагот #НаукаЗаДеца, велат тие.

Како што истакнуваат, планираат да преведат најмалку сто едукативни видеа. Дополнително, ќе имплементираат можност за поставување прашања поврзани со видеата, и одредување на местото на видеото каде што се наоѓа одговорот.

– Се надеваме дека бројот на експерименти ќе расте, и дека голем број на научници, наставници, студенти и научни ентузијасти ќе се приклучат на оваа иницијатива. Нашата желба е да се појават што е можно повеќе дигитални едукативни ресурси и содржини на македонски јазик, стои во соопштението од здружените организации.