Македонија
16. July 2015 - 17:01

Научна конференција за македонското прашање во Лерин - Грција

Во Лерин – Грција денеска почна научната конференција посветена на македонското прашање под наслов ,,Македонија: На периферијата на европската современост‘‘

Организатори на конференцијата се Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, „Виножито”- Партијата на македонското малцинство во Грција, Европската слободна алијанса од Брисел, ОМО Илинден Пирин и Меѓународното македонско движење за човекови права од Канада.

 И овој настан посветен на македонското прашање не помина без грчки првокации.

,,Имаше некои проблеми во самата сала на конференцијата каде Што пристигна една група на Грци и се обидуваа да ја прекинат конференцијата за да докажат дека Македонија е грчка и Македонците не постојат. Се справивме доста цивилизирано со нив и така продолжи самата конференција, како што требаше‘‘, изјави членот на претседателството на ,,Виножито‘‘, Димитри Јоану.

На тридневната конференција учествуваат 12 познати научни имиња од универзитетите низ светот, меѓу кои Виктор Фридман од Чикаго, Грејс Филдер од Аризона, Ендру Росос од Торонто, Акис Гаврилидис од Солун, Џорџ Влахов од „Ла троб универзитетот” од Австралија, Васко Настевски од Мелбурн, како и експерти од Македонија.  

Конференцијата во Лерин, Грција е втора од ваков тип, по научниот собир што се одржа во 2013 во Мелбурн, а посветен на 100-годишнината од крајот на Втората Балканска војна и поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор. И од овој настан ќе произлезе книга со вистината за Македонците.

,,Значи откако ќе заврши конференцијата ќе има заклучоци кои заедно со трудовите на еминентните професори што зборуваат ќе се направи, ќе се издаде во вид на книга, како што се направи и со ланската конференција што се одржа во Мелбурн и како книга од универзитетско издание ќе се шири ширум светските библиотеки и ширум македонското население‘‘, изјави Јоану.

На 19 јули, научниците  и претставници од Европскиот парламент првпат ќе имаат можност да присуствуваат на традиционалниот македонски културен фестивал „Илинден” во село Овчарени, Грција.