Македонија
6. May 2016 - 13:02

Научна конференција „Македонија на патот кон ЕУ“

Секретаријатот за европски прашања (СЕП) со научна конференција „Република Македонија на патот кон Европската унија (2020) – Искуства, предизвици, перспективи“ денеска ја одбележува 20-годишнината од почетокот на работата и официјалното воспоставување на односите со ЕУ, како и 9 Мај, Денот на Европа. Научната конференција е организирана во соработка со Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ.

Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми смета дека треба да се покаже патот кон европската перспектива за нашите граѓани и да ни се отвори можност Македонија да почне со пристапните преговори. 

- Политичката ситуација во земјава е во една комплексна фаза. Потребен е здрав разум и политички одговорни луѓе. Нема друга алтернатива за нашата европска иднина, освен демократски, кредибилни избори и широко признати изборни резултати, функционални и демократски институции, натамошна агресивна имплементација на итните реформски приоритети, обезбедување на препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори, продлабочување на добрососедските односи и продолжување со проактивен и позитивен однос кон сите регионални иницијативи и воопшто регионалната соработка, потенцира Адеми.

Во случај на неуспех во политичкиот дијалог кој, како што рече, никој не го посакува, свесни сме за можните последици кои се многубројни. 

- Продолжување на внатрешните политички превирања, нефункционални институции, зголемување на евроскептицизмот и опасност од губење на препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори, рече Адеми.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити смета дека нема развојна перспектива за Република Македонија надвор од ЕУ, со оглед на големината на пазарот, нашата географска припадност кон овој регион и со оглед на фактот дека ние, како што рече, имаме многу мала економија и нашите претпријатија не може да бидат конкурентни и да остварат економија од обем, без еден така широк и силен пазар, како оној што е на ЕУ, со повеќе од 500 милиони луѓе, со огромна куповна моќ.

Евроамбасадорот Аиво Орав во своето обраќање, меѓу другото, се задржа на политичката состојба во Македонија. 

- Сведоци сме на една сериозна политичка криза со длабоки корени и со непочитување на владеење на правото. Нема време за губење. Состојбата мора да се реши веднаш. Ова особено се однесува на аболицијата на претседателот Иванов, како и со независноста на судството, условите за работа на СЈО и веродостојни избори, рече Орав.

Евроамбасадорот посочи дека медиумската слобода е клучна компонента од демократското управување и демократското владеење. - ЕУ постојано укажуваше на недостатоците што треба да се отстранат, како самоцензура, неизбалансирано известување и нетранспарентност во финансирањето на медиумите, рече Орав.

Тој додаде дека ЕУ става силен акцент врз функционирањето на демократските институции и врз реформата на јавната администрација.

- Мора да се каже дека решавањето на овие проблеми бара пред се политичка волја од страна на политичките чинители. За жал, не е многу направено за решавање на овие проблеми. Некои од вас ќе речат „постојнава ситуација е резултат на блокирањето на земјата со години и дека странците се виновни за кризата“. Да, сите знаеме дека треба да се реши проблемот со името, но тоа не е оправдување за сериозните кршења на основните права и демократски начела, рече Орав.

Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли потсети дека ЕУ и САД соработуваат скоро 20 години на Балканот.

- САД ја поддржуваат Македонија кон ЕУ и тоа ќе продолжиме да го правиме. Голем дел од нашите програми, како УСАИД, и помагаат на Македонија да ги исполни критериумите за членство. Нашите мисии, Европската делегација, Амбасадата на САД помагаат да се решава политичкиот конфликт и Македонија да ги постигне стандардите на владеење на правото, рече Бејли.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски се задржа на политиката на проширување на ЕУ, која, како што рече, денес може да биде оценета како една од најуспешните.

- За неколкуте преостанати земји-кандидати од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, влезот во ЕУ се уште претставува најзначајна одредница која се надеваме дека можеме да ја оствариме во следниот период, рече Поповски.

Според него, кога ќе бидеме дел од ЕУ, спорот со името, наметнатите препреки во делот на европско интегрирање, внатрешните политички конфронтации би биле релаксирани или непостоечки. Попоски потсети на реформите кои Македонија ги направила изминатите години и додаде дека од влезот во ЕУ ќе добиеме стабилност и подобра економија.