Македонија
10. October 2019 - 12:01

Натпревар во риболов на акумулацијата Отошница

На акумулацијата на браната Отошница во селото Отошница во општина Ранковце, се одржа годинашниот традиционален Куп-натпревар во риболов „Мрена 2019“, во организација на спортско-рекреативниот риболовен клуб „Мрена“ од Крива Паланка.

– Купот е посветен на денот на ослободувањето на Крива Паланка, 8 Октомври, а учествуваа осум екипи од Република Северна Македонија. Вкупниот број натпреварувачи беше 24, а се натпреваруваа во најмногу килограми уловена риба по екипа. Голем придонес во одржувањето на турнирот даде локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, за што искажувам благодарност и од нас како клуб и од страна на учесниците, за кои беа овозможени сите потребни услови за беспрекорна организација на Купот, изјави Зоран Стоилковски, претседател на ЗСРРК „Мрена“.

На Куп-натпреварот настапија екипите на спортско-рекреативните риболовни клубови „Елен“ од Ново Село, „Црна Река“ од Битола, „Пчиња“ од Куманово, „Бабуна“ и „Кркушка“ од Велес, „Крап“ од Радовиш и „Мрена 1“ и „Мрена 2“ од Крива Паланка.

Првото место на купот го освои екипата на „Бабуна“ од Велес, второпласирана е екипата на „Пчиња“ од Куманово и третото место го освои екипата на „Мрена 2“ од градот домаќин.