Македонија
2. November 2015 - 13:30

НАТО размислува да испрати 4.000 војници на границите со Русија

Земјите-членки на НАТО ја испитуваат можноста за испраќање 4.000 војници на границите со Русија, пишуваат британските и американските медиуми.

Ваквата евентуана мерка се објаснува со настојувањето на Алијансата да ја одврати Русија од потенцијален „воен авантуризам’ против источноевропските членки на Северноатланската алијанса.

Иницијативата за испраќање војници на руските граници е дел од дебатата во рамките на НАТО за тоа каков треба да биде одговорот „на подолг рок“ кон Москва, по руската анексија на Крим во пролета 2014 година и подршката за проруските сепаратристи во источниот дел на Украина.

Западни дипломати за американскиот „Волстрит Џурнал“ изјавиле дека станува збор за потег „без преседан“ - НАТО да распоредува свои војници во мировременски услови - за кој се верува дека ќе предизвика „гневна реакција“ во Москва.

Според една варијанта на овој план, би требало да се распределат неколку баталјони со по 800 до 1.000 војници во Полска, Литванија, Летонија и Естонија, додека според другата „поумерена“ верзија, на истиот план се размислува за еден батаљон што би бил испратен за целиот овој регион.

Британската армија која има испратено 150 свои војници во земјите на Балтикот, ќе мора да прифати британската единица да биде ставена под командата на силите на НАТО, пишува „Тајмс“.

Источноевропските земји во Алијансата, а пред се Полска и балтичките држави, вршат силен притисок врз командата на НАТО за засилено западно воено присуство, тврдејќи дека се соочуваат со „руска закана“.

Другите членки на НАТО, а посебно Германија, меѓутоа се повнимателни и предупредуваат дека испраќањето западни војнци на руската граница ќе се оцени како провокација, што може да го попречи мировниот процес во Украина, како и сега одржуваниот прекин на огнот.