Свет
15. February 2017 - 13:51

НАТО ќе биде сериозно загрижен ако Русија не го почитува договорот за нуклеарните сили

Секое непочитување од страна на Русија на договорот за нуклеарните сили со среден дострел од 1987 година би предизвикало сериозна загриженост во редовите на НАТО, изјави генералниот секретар на Алијансата на прес-конференција пред почетокот на дводневната средба на министрите за одбрана од Алијансата во Берлин.

- Нема да ги коментирам разузнавачките податоци, додаде тој по повод најавите дека Русија распоредиле нова крилеста ракета. 

Според медиумски извештаи, американски претставници тоа го сметаат за нарушување на договорот за контрола на вооружувањето, со кој се забрануваат копнените американски и руски ракети со среден дострел.

- Договорот забранува цел арсенал од нуклеарно оружје, кое претставува закана за Европа и за сојузниците на НАТО, нагласи Столтенберг.

- Почитувањето на спогодбата за контрола на вооружувањето е исклучително важно, додаде тој.

Генералниот секретар на НАТО коментира дека настапило одлучувачко време за трансатлантската безбедност.

Тој изрази очекување денеска и утре да бидат донесени решенија, со кои ќе се зајакне Алијансата пред лицето на новите закани.

- Силата на НАТО е важна за Европа и за Северна Америка, ги зголемуваме одбранбените трошоци и прв пат после повеќе години го зајкануваме источниот дел на Алијансата со распоредување баталјони во Полска и балтичките земји. Тоа е јасен сигнал за одлучноста да го заштитиме секој сојузник, рече Столтенберг. 

Се очекува министрите за одбрана од НАТО да го утврдат оспособувањето на Неапол во кризен штаб, од каде би се насочувале операциите на Алијансата во кризи, на пример во Либија и Ирак. 

Столтенберг додаде дека меѓу темите на дводневната седница е дополнителното подобрување на кибер заштитата, што го означи како првостепена задача.

Тој нагласи дека НАТО лани се соочувал со по 500 кибер инциденти во месец.