Македонија
28. November 2018 - 17:57

Наташа Габер Дамјановска избрана за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители

Наташа Габер Дамјановска е избрана за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ за следните четири години.

Одлуката со осум гласови „за“, еден „воздржан“ и ниту еден „против“ ја донесе денеска Управниот одбор на Академијата.

Кандидат за директорското место на Академијата беше и поранешната судијка во Судот во Стразбур Мирјана Лазарова – Трајковска, која доби четири гласови „за“, а петмина членови на УО беа воздржани. За кандидатот – јавниот обвинител од ОЈО Скопје Александар Маркоски, сите членови на УО на Академијата беа воздржани.

Кандидатката за директор на Академијата, Елена Андреева не влезе во изборот, бидејќи не исполнувала два од предвидените услови со огласот.

На денешната јавна седница не беше избран заменик-директор на Академијата. За ова место аплицираше само кандидатот Илир Исени, но Комисијата на УО по разгледувањето на документите заклучила дека тој не исполнува еден од предвидените услови, односно не доставил документ за неосудуваност.

Согласнот законот, Управниот одбор е обврзан во рок од 30 дена да распише нов оглас за заменик -директор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Републичката обвинителка Лилјана Спасовска по изборот рече дека очекува непристрасно ефикасно и непречено извршување на функцијата директор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Првично денешната седница беше најавена како затворена, на што реагираше Здружението на новинари на Македонија оценувајќи дека спречувањето на новинарите да ја следат расправата е обид да се работи зад грбот на јавноста и фрла сенка врз процесот на избор на новиот директор.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, следејќи ја реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), апелира до Академијата за судии и обвинители, да обезбеди јавност во својата работа, и при изборот на директорот, согласно начелата утврдени во Статутот за работа на Академијата, соопштија од Министерството.

Според министерот Поповски, јавното и транспарентно работење значи и одговорно работење, при што неопходно е на претставниците на медиумите да им се овозможи пристап до информации, меѓу другото и преку обезбедување јавност на седницата за избор на директор на Академијата.

Од октомври 2006 година до октомври годинава директорската функција во Академијата за судии и јавни обвинители ја вршеше Анета Арнадудовска.