Македонија
7. December 2019 - 17:00

Наставниците и директорите да бидат во тек со трендовите на социјалните мрежи

Македонскиот образовен систем не е прилагоден на дигиталниот свет. Затоа наставниците немаат увид што се случува и што се поставува на социјалните мрежи. Откако се појавија Инстаграм профилите со над 15.000 фанови на кои биле поставувани видеа со девијантно однесување на учениците, експертите предупредуваат дека надлежните се уште немаат план како да се дигитализира образованието за да се спречат ваквите појави.

- Наставниците и целиот наставен кадар мора да ги знаат сите промени кои што се случуваат во секојдневнието и вклучително во образовниот систем. Колкав и да е генерацискиот јаз меѓу еден наставник, професор и ученик, сите мора да ги знаат трендовите и новите кои се случуваат. Можеби јас лично сум противник на користење на одреден социјален медиум, и тоа не го правам, тоа е мој избор. Меѓутоа, ако влезам во интеракција, ако едуцирам ученици, јас морам да знам кои се правилата, кои се предностите, но и кои се опасностите од социјалните медиуми, вели специјалистот за односи со јавноста и нови медиуми, Бојан Кордалов.

Според Кордалов, неопходно е да се воведе предмет за дигитална писменост на учениците, за да можат да ги детектираат вистинските извори на информации и како да се снаоѓаат на интернет просторот.

Слично како и психолозите, Кордалов вели дека треба да се идентификуваат проблематичните деца за да им се помогне да се вклучат во општеството.

- Ако сакаме да ги промениме работетите треба да имаме име и презиме, но за да им помогнеме на децата. Не за да ги осудиме. Ништо со тоа нема да направиме. Треба да ги најдеме за да им помогнеме, да ги вклучиме во образовниот систем. Да им дадеме пример како може да се канализира тој вишок на енергија и да направиме заштита за останатите ученици, вели Кордалов.

Кордалов посочува дека мора да им се даде поголема поддршка на педагозите и психолозите, иако тие предупредуваат дека при носењето политики во образованието, воопшто не се вклучени.