Македонија
2. May 2017 - 15:19

Наставници од четири држави на едукација за откривање талентирани ученици

Во рамки на проектот Еразмус плус за рано откривање  таленти кај децата, близу сто наставници и професори од пет училишта од Македонија, Турција, Романија и од Полска ќе разменат искуства и ќе се едуцираат како навреме да ги откријат талентите и да ги насочат во нивниот понатамошен развој.

Домаќин на наставниците и професорите од овие држави е кумановското основно училиште „Толи Зордумис“. Свечен прием за наставниците денеска организираше и Општина Куманово.

- Наставници, професори и претставници од организации од три држави, од пет училишта од Полска, Турција, Романија и наставници од кумановското основно училиште „Толи Зордумис“, се директни учесници во „Проект од клучна акција 201“, поддржан од Европската комисија и Турската национална агенција, чија цел е едукација на наставниците како да откријат и препознат талент кај децата во наставата и да ги насочат во понатамошниот развој, изјави Наталија Спасовски,  координатор на проектот од  „Толи Зордумис“.

Проектот почнал во 2016 година и освен посета на кумановското основно училиште и размена на идеи и искуства, професорите од трите држави ќе ги посетатат Скопје и останатите градови од државата, а ќе присуствуваат и на предавања во УКИМ, со што ќе се запознаат со начините и методите кои нашите универзитети ги користат при откривање таленти кај децата.

Ѓулнер Чат, координатор од Турција, изјави дека проектот е осмислен така што ќе може да ги насочи професорите и наставниците навреме да го откријат талентот кај учениците, да ги научи на интернационалните методи и техники за откривање на талентите и додаде дека овие знаења преку проектот ќе се мултиплицираат и ќе опфатат близу 2000 наставници.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски денеска организираше прием за наставниците и професорите од трите држави и им посака успешна работа. Додаде дека Куманово е град кој широко ги отвора вратите за размена на идеи од областа на образованието.

- Македонија во однос на едукативните процеси широко ги отвора вратите за новите, младите, талентираните генерации деца и се надевам дека ќе имаме успех на тој план, изјави Дамјановски.