Македонија
19. September 2020 - 19:40

Настава од училница за социјално ранливите, за дневниот престој одлука во понеделник

Учениците кои немаат компјутер ќе можат да ја следат наставата во училница. Се работи за бројка од 40 000 ученици, за кои министерката вчера најави дека лекциите ќе бидат емитувани на телевизија, а материјали ќе добиваат во хартиена форма. 

МОН во меѓувреме се предомисли и во  денешното соопштение отвора нова можност.

„Детето има можност наставата да ја следи со физичко присуство на часовите во самите училници, додека наставниците предаваат на другите деца преку онлајн платформата. Исто така, за децата, чии родители се изјасниле дека не сакаат да ги пуштаат во училиште со физичко присутсво, а немаат уреди, во Планот е предвидена опција да добиваат печатени материјали.

Од МОН не објаснуваат што доколку овие деца учат во училишта каде нема услови за организирање настава согласно протоколите. 113 училишта сметале дека имаат услови за традиционалниот начин на настава но одлука од Владата се уште нема. 

Во понеделник ќе се одлучува и дали ќе има дневен престој или целодневна настава. Министерот за здравство смета дека е можно бидејќи се работи за истиот број ученици кои заедно ќе ја следат наставата во училилница. 

Владата не ги прифатила барањата на мајките кои протестираа за укинувањето на мерката продолжено породилно. Филипче е на истиот став и смета дека доволно траеле мерките. Доколку се зголеми бројот на случаи во градинките дополнително ќе се одлучува дали ќе бидат времено затворени. 

Откако отворија градинките регистрирани се 5 случаи меѓу кои две деца и тројца вработени. Во изолација заминаа сите кои биле во нивна непосредна близина.