Македонија
15. October 2019 - 15:52

Наскоро во Гостивар ќе профункционираат два стационара за згрижување бездомни кучиња

Локалната самоуправа во соработка со невладини организации во два проекта ќе го решава проблемот со бездомните кучиња во Гостивар. Едниот стационар наскоро треба да ги добие потребните дозволи, а вториот треба да профункционира од идниот месец.

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари со неколкумина соработници ги посети објектите што се наоѓаат во некогашните воени магацини во Долна Бањица. Тој најави дека Општината ќе ја интензивира поддршката за побрзо нивно профункционирање.

– Пред две години во општината немаше ниту едно прифатлиште ниту решение за проблемот со бездомните кучиња. Сега имаме два, едниот што го изградивме самите и вториот кој е финансиран од УНДП. Во тек се разговрори со ЕВН и ЈП Комуналец за да се обезбедат приклучоци за вода и струја и да профункционираат со полн капацитет. За овие две години заловени и третирани се над 400 кучиња, а со овие стационари ќе се заокружи целиот тој процес и граѓаните ќе бидат побезбедни. Сепак ќе треба да направат и нови со оглед дека бројот на кучињата е поголем, рече Таравари.

Едниот стационар е проектот „Дај ми засолниште за спас“ на Иницијативата за граѓански иницијативи“ и ќе има 30 боксови. По осум месеци, опремениот стационар ќе прејде во сопственост на Општината

– Поголемиот дел од градежните работи е завршен и наскоро очекуваме да се довршат преостанатите работи и да се започне со заловување на кучиња. По осум месеци, опремата и содржините ќе прејдат во сопственост на општината. Додека трае проектот ќе имаме и едукативни содржини за помалдите за да знаат како се постапува со бездомните кучиња и една кампања за нивно вдомување, вели Сунчица Ѓурчиноска од невладината организација Иницијатива за граѓански интеграции.

Со изградениот стационар од пред два месеца раководи шелтер центарот „Амос“ и започнаа со пробна работа.

– Очекуваме наскоро да добиеме приклучок за струја и вода со што ќе ни се олесни работата. Наскоро треба и да ја добиеме дозволата од Агенцијата за храна и ветеринарство и да почнеме да работиме со полн капацитет. Досега згриживме триесетина кучиња, вели Риниса Реџепи од здружението за заштитата на животни Амос

Според проценките на општинските власти по градските улици и околните населби има над седумстотини бездомни кучиња кои често напаѓаат граѓани и им нанесуваат повреди. Општината минатата година најави ублажување на проблемот со третирање и згрижување на животните.