Македонија
16. September 2016 - 16:41

Нарушени им биле човековите права: Мигранти ја тужат Македонија зашто не влегле илегално преку Сува река

6 мажи и 2 жени со потекло од Ирак, Авганистан и Сирија кои тврдат дека не се мигранти туку бегалци, ја тужат Македонија пред Европскиот суд за човекови права поддржани од две невладини организации од Германија.

Двете непрофитни организации, Европскиот центар за уставни и човекови права (European Centre for Constitutional and Human Rights, ECCHR)  и Про Азил (Pro Asyl) ја поднеле тужбата до Стразбур на 13-ти Септември и во неа наведуваат дека македонската војска и полиција ги фатила овие лица и ги присилила да се вратат назад во Грција, преку импровизирани дупки во новоподигнатата ограда на границата.

Во изјавата која ја пренесуваат медиумите Карл Коп претставникот на организацијата Про Азил  посочува дека Маршот на надежта, во суштина беше марш на очај. Не заборавивме што се случи. Нашиот став е дека беше користено насилство и дека луѓето илегално беа вратени назад. Таму имаше и луѓе со хендикеп и други на кои им беше потребна помош“.

Се обидовме да стапиме во контакт со организацијата Про Азил но денеска не успеавме да обезбедиме став зошто тужбата е покрената единствено и токму против Република МАкедонија.

Реалноста е сосема поинаква. Инцидентите што се случија во март годинава беа предизвикани токму од невладините организации кои ги поттикнуваа мигрантите во кампот Идомени нелегално да ја преминат границата со Македонија. Тие дури им делеа и летоци испишани на арапски јазик во кои им даваа точни упатства како да го сторат тоа. Во упатството пишувало дека оградата завршува само неколку километри понатаму, и ако илјадници се обидат да ја преминат границата полицијата нема да може никого да сопре. Токму тоа и се случи. 1500-тини мигранти насилно ја поминаа границата со Македонија и надвор од сите правила и прописи сакаа да го продолжат патот кон западно европските земји. Македонската армија и полиција на ова големо безбедносно нарушување одговорија согласно со сите правила и не дозволија безбедносната ситуација во Македонија да се ескалира. Покрај апсењето на мигрантите беа уапсени новинари и волонтери кои ги биле водачи на огромната група. Истиот месец Македонија ја затвори границата следејќи го примерот на Словенија и на останатите земји кои се наоѓаат на таканаречената „Балканска рута“ кон Западна Европа.