Бизнис
24. March 2019 - 11:01

Народна банка со низа активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите

Народна банка по повод Глобалната недела на парите, која почнува од утре, ќе реализира активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост и ќе ги промовира предностите од поголемата финансиска вклученост.

Посебен настан ќе биде националниот натпревар во рамки на Европскиот квиз на парите што за првпат ќе се одржи во нашава земја. Оваа активност е на иницијатива на Македонската банкарска асоцијација, а во извршувањето покрај Народната банка, се вклучени и Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На натпреварувањето, на 27 март, ќе бидат избрани победниците кои ќе ја претставуваат земјава на финалето што ќе се одржи во Брисел во организација на Европската банкарска федерација.

Како најава на активностите за одбележување на Глобалната недела на парите, вчера Народна банка почна да го објавува серијалот текстови „Економија за секого“, преку кој, на едноставен јазик, за пошироката јавност се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. 

Народната банка започна и едукативен караван со кој за ученици од неколку училишта, главно од руралните средни, обезбеди превоз за да можат да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции од финасискиот сектор. При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации и да добијат едукативни материјали, како и да го посетат Музејот на Народната банка. Народната банка, како што најавуваат оттаму, ќе ја посетат и деца од една детска градинка во обид и на најмладите генерации да им се доближи значењето на парите.