Македонија
22. јуни 2021 - 13:44

Народен правобранител: Училиштата да им ги вратат парите на родителите за свидетелствата

Народниот правобранител, и годинава констатира дека продолжува праксата дел од училиштата неосновано и надвор од закон да им наплаќаат на учениците/родителите/старателите за издавање свидетелства за завршено образование, соопштија од Кабинетот на Народниот правобранител.

– Ова потврдува дека некои училишта не ги земаат предвид сериозно реакциите на Народниот правобранител, кој и минатата година јавно укажа дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот, и за издавање на истото училиштата не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства, информираат од Народниот правобранител.

– Народниот правобранител повикувајќи се на уставно загарантираното право на образование кое согласно законската регулатива е задолжително и бесплатно, укажува надлежните органи – Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат веднаш да ги предупредат училиштата дека не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ, и да ги санкционираат сите субјекти кои. ќе го сторат тоа, односно ќе го прекршат законот, велат од таму.

Според Народниот правобраните, недозволиво е училиштата да го користат моментот кога децата/учениците и родителите/старателите имаат краток временски рок за обезбедување на потребните документи за упис и да ги примораат да платат за добивање документ кој според сите прописи е бесплатен.

Народниот правобранител, укажува Државниот просветен инспекторат да им наложи на училиштата веднаш да ги вратат незаконски наплатените средства за издавање свидетелство и ги охрабрува сите на кои нема да им бидат вратени средствата да се обратат на бесплатната телефонска линија за деца кај Народниот правобранител 0800 88 500, за заштита на своите права.