Македонија
8. јуни 2018 - 17:59

Напливот на комарци носи ризици од сериозни заразни заболувања

Топлото и влажно време овој период од годината носи ризик од заразни заболувања, предупредуваат епидемиолозите.

- Заразни заболувања кои се пренесуваат преку вектори, под вектори подразбираме крлежи, комарци и други инсекти кои се хранат со крв. Животните обично се резервоари на овие заболувања, а човекот е случаен или краен домаќин на овие заболувања, изјави д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во ИЈЗ.

Токму комарците кои деновиве ги има се повеќе посебно во главниот град можат да пренесат сериозни болести на луѓето.

- Како што се западно нилската треска, која лани беше регистрирана и во Македонија и маларија кое е сериозно заболување, за среќа не е редистрирана подолго време кај нас, додаде д-р Миќиќ.

И додека скопјани се жалат на зголемен број на инсекти деновиве, годинава прскањето против комарци е пролонгирано за разлика од претходно кога првите дезенсекции се правеа уште на почетокот на пролетта. Според градските власти дури за десетина дена ќе почне уништувањето на комарците бидејќи тендерот бил обжален зошто се сомневале во квалитетот на препаратите. Во меѓувреме лекарите советуваат граѓаните сами да се заштитат од инсектите.