Свет
10. October 2016 - 10:56

Напад врз американски разорувач од Јемен

Два проектила беа истрелани кон американски разорувач стациониран во Црвеното Море. Нападот дошол од јеменската територија којашто е под контрола хутските бунтовници, но бродот не бил погоден, соопшти денеска американската Морнарица.

- Разорувачот „Мејсон“ ги забележал двата проектила кои биле испукани во интервал од 60 минути, додека се движел близу јеменското крајбрежје. И двата проектила паднаа во морето поради недоволно долгиот дострел. На бродот нема повредени, ниту пак, штета, изјави Џеф Дејвис, портпарол на Пентагон.

Претходно, при сличен ракетен напад, брод на Обединетите Арапски Емирати претрпе поголема штета, пренесува Танјуг.

Во меѓувреме, од Јемен е испукан уште еден проектил, а целта најверојатно била саудиската воздухопловна база близу градот Мека. Тоа е досега најдалечниот дострел на Хутите, односно нивната шиитска бунтовничка група, на територијата на Саудиска Арабија.

Во март 2015 година, арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, покрена офанзива против шиитските бунтовници, по што следеа неколку ракетни напади од спротивната страна.